Институтот за јавно здравје препорачува користење маска и ракавици при фрлање отпад, но и да се избегнува исцедок од ѓубре

Согласно кризната состојба со ѓубрето во Скопје, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки до населението, особено во делот на одржување лична хигиена, како на пример користење ракавици, маска, миење раце, но и користење дезинфициенс за раце после фрлање ѓубре.

Исто така, од ИЈЗ препорачуваат совесно одлагање на отпадот во контејнерите, а кабастиот отпад на соодветен начин. Потоа, внимателно ракување, селектирање, собирање и фрлање на отпадот, но и затварање на капаците на кантите.

„Да се избегнува физички незаштитен контакт со отпадот. Да се избегнува стагнирана (застоена) вода и исцедок од отпадот. Внимание при излегување со домашни миленици да не дојдат во допир со отпадот и исцедок од истиот. Да не се фрла отпад надвор од одбележаните места за собирање на истиот. Да не се фрла отпад на нелегални депонии. Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита)“, се препораките до населението на ИЈЗ.

Воедно, Институтот објави и мерки за надлежните, меѓу кои и да се активираат сите расположиви технички, човечки и финансиски ресурси, со цел итно да се отстрани одложениот и расфрлан отпад во и надвор од контејнерите.

Исто така, итна мобилизација и отстранување на најголемите купишта во населени места со најголема изложеност, по приоритет: болници, домови за стари лица, основни и средни училишта, паркови и игралишта.

Понатаму, итно и вонредно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад и контејнерите.

„Каде не е можно ова, да се постават физички времени бариери (мрежи) за да се спречи пристапот на глодари и улични животни. Дислокација на контејнерите – подалеку од почести патики на движење на луѓето и особено подалеку од игралишта, училишта, градинки или болници. Редовен транспорт и празнење на контејнерите (минимум еднаш дневно во погусто населените делови)“, се дел до препораките.

Како долгорочни мерки, Институот бара интегриран систем за комуналниот отпад, постојана едукација на населението за примарна селекција на отпадот, образовни програми и вклучување на локалните заедници, како на пример механизми наградување за селекција/откуп, но и контролни и регулаторни политики – казнување за несовесно одлагање отпад и чести инспекции.