Институтот за демократија упати препораки до Владата за владеење на правото

Претставници од повеќе граѓански организации на денешната, втора Агора сесија организирана од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, дискутираа за борбата против корупцијата, деполитизацијата на јавните институции и изборите и политичките кампањи и упатија препораки за програмата на Владата во областа владеење на право.

Граѓанските организации забележуваат значајни пропусти во функционирањето на институциите. Еден од овие проблеми е финансирањето на политичките партии.

„Тој процес треба да биде далеку потранспарентен, а еден од механизмите за тоа да се оствари е дополнително детализирање на извештаите кои партиите ги доставуваат до институциите и зголемување на ингеренциите на институциите, особено кај ревизијата на извештаите“, вели Иван Дамјановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Сериозен проблем според него е и нетранспарентноста при донесување политики и недостапноста до информации за јавноста. Според организациите, институциите треба да овозможат пристап до повеќе податоци , како и да се направат реформи во процесот на пристап до информации од јавен карактер.

Граѓанските организации сметаат и дека треба да се ограничи или укине таканареченото државно рекламирање, со цел да се оневозможи притисокот врз гласачите со овој инструмент.

„Кампањи може да се прават кога се стриктно од јавен интерес, а ова повлекува дека треба да се дефинира што всушност е кампања од јавен интерес. Дефинирањето за кампањите треба да биде законски регулирано, а имплементацијата на таквата законска норма да биде доделена на соодветно тело“, предлага Дамјановски.

Дополнително, постои корупција во приватниот сектор. НВО сметаат дека  во услови кога премногу внимание се посветува на корупцијата во јавниот, на некој начин се запоставува корупцијата во приватниот сектор, смета Дамјановски.

Друго прашање е и систематизацијата на бројот на вработени во јавната администрација. „Конкретна многу важна препорака како да се реши овој проблем е да се направи јавен регистар на државни службеници. Констатирана е потреба од замрзнување на вработувањата во периодот на предвремените избори, кога и да се одржат тие, како и замрзнување на процесот на трансофрмација на привремените вработувања“, додаде тој.

Од изминатите две сесии, сите заклучоци и одлуки ќе бидат собрани во една препорака, која ќе биде доставена до институциите за кои е наменета.

„Заклучоците на граѓанските организации кои учествуваа на сесиите ќе бидат доставени до Владата и надлежните министерства, како синтетизирана препорака. Препораки доставивме и претходно до институциите, но не беа слушнати“, вели Јован Близнаковски, програмски директор на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Цел на проектот „Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики“ е да го зголеми учеството на граѓанското општество во политиките во областа на владеење на правото.