Институциите очекуваат нов бран на мигранти, невладините велат дека балканската рута се избегнува

Кризата со бегалците и мигрантите е далеку од завршена, вели Горан Стојановски, менаџер во Транзитниот центар Табановце. Центарот за справување со кризи предвидува зголемување на миграциските движења во наредните десет години.

Стојановски вели како што се очекува зголемено миграциско движење кон Грција, така се очекува и кон делот на територијата на Македонија.

„Не е она што беше во 2015-2016 година, но предвидуваме дека миграциските движења во наредните десет години нема да застанат, туку напротив, ќе се зголемат. Од тој аспект, Главниот штаб на Центарот за управување со кризи даде препорака на групата надлежна за безбедносната состојба, на наредна седница да предложи пролонгирање на кризната состојба до 31 декември 2018 година“, рече Стојановски за време на дискусијата што се разви на денешната презентација на годишниот извештај за правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил во Република Македонија што го подготви Хелсиншкиот комитет.

Авторката на извештајот, Елена Брмбевска, истакнува дека и покрај предвидувањата дека ќе се случи нов бран на бегалци и мигранти, тоа до денес не се случи, или барем не во толкав размер.

„Бегалците сепак бараат алтернативни патишта и доста ја избегнуваат балканската рута бидејќи официјално во меѓународните кругови важи за затворена, иако тоа не е де факто така, со оглед на криумчарските групи кои дејствуваат на терен. Сепак, постои некој тек на бегалци и мигранти што се движат низ таа траекторија, без помош на државите кои ги поминуваат“, изјави таа.

Сепак, Брмбевска е загрижена дека Македонија не учи на своите грешки од минатите бегалски кризи.

„Ме плаши дека и да ни се случи еден нов таков бран може да го заборавиме сето тоа што го поминавме во текот на изминатите години, или пак можеби не сите, државните институции ќе го заборават, а останатите ние што бевме на терен и работевме партнерски, сепак можеби ќе го имаме истиот ентузијазам да се справуваме со таквата криза“, смета Брмбевска.

За извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, позитивно е тоа што државата изградила одредена инфраструктура.

„По се што ни се случи имаме каде да ги пречекаме и барем да имаат достоинствен престој, тоа е разликата. Точно дека институциите забораваат за тоа што се случило, за тоа што треба да направат а не направиле, меѓутоа ние сме тука за да потсетиме и секако дека нема да бидеме помалку критични отколку што бевме во 2015-2016 година“, нагласи Пировска.

Стојановски, пак, проблемот во претходното постапување на државата го гледа во поединични субјекти.

„Едноставно, внатре во институциите, на некој начин не беа доволно заинтересирани, како да ова прашање не ги тангира за да можат адекватно да одговорат, не дека не сакале… Тоа се сведуваше на индивидуални техники, поединечни спосoбности на одредени институции кои учествуваа во начинот на справување на кризата. Колку тие сакаат, колку се хумани, и колку напори ќе вложат за на некој начин да ја исконтролираат целата ситуација“, рече Стојановски.

Во меѓувреме, загриженост поради случувањата во Сирија изрази и вицепремиерката и министерката за безбедност Радмила Шеќеринска, која посочи дека се подготвуваат и очекуваат деновиве да имаат дополнителни разговори со Министерството за внатрешни работи и со сите други институции околу можни зголемувања на притисокот на границата.

„Она што се случува на илјадници километри од нас, во Сирија, ќе има влијание и врз Македонија и со зголемување на мигрантскиот притисок, меѓутоа и со една глобална ситуација во светот која не им одговора на малите држави. Како држава се подготвуваме и за зголемување на мигрантскиот притисок врз границите“, рече таа во изјава за медиумите.

Е.П.