Институциите и граѓаните клучни во справувањето со климатските промени – започна Националната конференција за клима

Климата е обврска на човештвото која бара посветеност од институциите и граѓаните, гласи пораката од првиот ден на Националната конференција за клима.

На неа беа споделени успешни практики од сите региони во Северна Македонија, низ проекти во земјоделството, екологијата, шумарството а кои се директно поврзани со климатските промени.

Според Ана Чоловиќ – Лешоска, директорка на „Еко свест“, потребно е граѓаните ефективно да се вклучат во процесите на донесување одлуки кога станува збор за климатските промени, но и решавање на локални проблеми.

„Ќе продолжиме да го анимираме граѓанското општество. Оваа година е многу клучна за многу закани што ќе го постават патот на нашата држава кон позелено општество“, рече таа.

Слично размислување има и Нехат Рамадани, директор на Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе.

„Во светот преовладува заеднички научен консензус, кој нагласува дека хуманите активности се главна причина за влошувањето на климата во светот. Овa покажува дека треба да се промени однесувањето на секој од нас, да се промениме како општество преку нашите активности, во корист на ублажување на заканите од климатски промени“, истакна тој.

Неодамна се формираше и Коалиција за климатски промени на национално ниво со цел поголема вклученост на граѓанскиот сектор во креирање на јавното мислење и политиките на локално и национално ниво. Покрај ова, се подигнуваше свеста кај македонските граѓани за важноста на справување со климатските промени во сите сектори и на сите нивоа на одлучување.

Mинистерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, во своето излагање рече дека зелената транзиција и климатската акција бараат интерсекторски ангажман и посветеност, високо ниво на соработка и креирање на синергии во процесите од сите чинители во општеството.

„Ние како Министерство сме отворени и секогаш ги поддржуваме активностите на граѓанскиот сектор. Преку него ги слушаме барањата и очекувањата на граѓаните и ги вклучуваме во процесите на донесување на одлуки, а од друга страна, како Министерство ги споделуваме нашите податоци, знаење и експертиза при спроведувањето на нивните проекти“, забележа Нуредини.

На присутните им се обрати и Штефен Худолин, раководител на секторот за операции на Делегацијата на ЕУ, кој ја поздрави заложбата и работењето на закон за климатските промени и посака да почне да се применува што е можно побрзо.

Лиле Симеоновска, претставничка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, вели дека нивен приоритет ќе биде зајакнувањето на капацитетите со државно управување на шумските ресурси, со оглед дека шумите се најзначајни во апсорпција на стакленичките гасови.

„Факторот дека имаме голем процент на деградирани шуми, неразвиената шумска инфраструктура, немањето систем за мониторинг на моменталната состојба на шумските ресурси на национално ниво влијае врз потенцијалот за развој на шумарството“, рече таа.

За тоа колку е важно да се јаде локалната храна, пак, зборуваше Катерина Јордановска од „Слоу фуд Водно“.

„Ако секој од нас направи мала промена во личниот избор на храна што ја консумира и избира да купи храна од локалните производители, ќе има огромно влијание врз климатските промени“, сподели Јордановска.

Конференцијата, која ќе трае до 9 април, е дел до тригодишниот голем проект „Да зборуваме за климатските промени“ што го организираат „Еко-свест“, CNVP и Движењето на екологистите на Македонија. Проектот е финансиран од Европската Унија.