Институциите ги отфрлаат малолетните корисници на дрога додека протоколот за нивно лекување чека „политичка волја“

Вратите на здравствените институции се затворени за малолетните корисници на психоактивни супстанци. Тие веќе се жртви на криминалот, но дури и да сакаат да се лекуваат, повторно стануваат жртва, овој пат на државата. Таа нема изградено систем според кој тие ќе добијат соодветна терапија и би се ресоцијализирале со околината. Протоколот за нивно лекување е напишан, но чека „политичка волја“ во некоја од фиоките на Министерството за здравство.

„ Девојчето ми беше четири пати во Државна болница, но социјалното не презема мерки. Им кажав дека ќерка ми не се прибира, за да може да ја земат некаде и да се лекува од лепакот. Но, оттаму ми викаа земи му ти терапија и дома лечи ја. Еве ја терапијата, но девојчето не ја пие. Се тепа со мене, се кара и не сака да ги пие. Ги гледа другите деца што прават и таа со нив. Некогаш не се враќа и спие надвор“.

На работ од своето трпение поради институционалната негрижа и волја да ѝ помогнат, мајка на 16-годишно девојче раскажува за лошата положба во која се наоѓааат со години. Нејзината ќерка злоупотребува лепак веќе седум години. Навиката, вели таа, ја стекнала од нејзиниот татко, кој сега е во затвор. Досега четири пати била задржана во Државната болница во Скопје по месец дена, но нема резултати, вели мајката.

Покажувајќи ги лековите кои докторите ѝ ги препишале за ќерката, до неа спиеше нејзиното најмало дете, кое има само осум години, а веќе е зависник од лепак.

„Сакам како и секоја мајка да ги чувам моите деца, да ги праќам во школо, да ги бањам, да ги нахранам, да ги облечам. Сакам да бидат како сите други деца, но немам услови“, вели таа.

Таа со своите деца веќе 20 години е на улица, а ветувања добивале постојано. Спијат каде ќе најдат, било тоа да се рушевини од објект, или напуштена куќа. За да се прехранат, таа мора да собира храна од контејнери, бидејќи не смее да питачи. Досега била пет пати затворена поради просење.

Се потсетува и на тешката и смрзнувачка зима. „Нè однесоа во домот „25 Мај“, таму катастрофа. Оттаму, во (Заводот за згрижување, воспитување и образование на деца) „Ранка Милановиќ“, но таму ни парно немаше“, вели таа.

Последната терапија што им ја препишале ги чини 65 денари и се состои од „Дијазепам“ и „Оландикс“, кој според упатството на лекот, не е наменет за употреба кај лица под 18 години.

„Оландикс“, лекот кој според упатството не е наменет за употреба кај лица под 18 години, а им бил препишан

Оваа мајка стравува дека нејзината ќерка може да умре ако продолжи да злоупотребува лепак.

Малолетните зависници за психоактивни супстанци се видливи за сите, освен за надлежните

Ваквите случаи не се непознати за Богдан Колев, кој веќе три години е социјален работник на терен во ХОПС – Опции за здрав живот. Тие директно работат со оваа категорија на граѓани, па токму затоа секојдневно сведочат за многу полоши ситуации.

Богдан Колев, ХОПС

„ Целиот проблем е што не постои надлежна институција, ниту пак соработка меѓу институцииите кои што би можеле да го решат проблемот. Сè е само харање по институциите. Матичниот доктор нема опција, тој ќе одбере тоа што според него е најприфатливо, а тоа се најчесто иституции и заводи кои што работат со деца и млади. Во ред, ќе ги однесеме во Заводот и психијатарот ќе има добра волја да го прегледа, ќе назначи некаква терапија и толку. Детето е оставено пак на улица“, вели Колев.

Имале случаи каде децата се носени во Детската психијатрија при Државната болница во Скопје, затоа што детето имало „нервен слом“ и било задржано повеќе од една недела. Но, тоа дете кога ќе излезе, вели тој, повторно е препуштено само на себе и на околината.

„Сме добивале информација дека родители го врзувале детето со синџири. Доколку би постоела институција за лекување и рехабилитација, тоа дете не би било дома врзано да може да отиде само до тоалет. Ова за неговите родители било еден вид на решение бидејќи сакале да му помогнат, но одбрале многу погрешен метод на решавање на проблемот. За нив единствена опцијата е да кружат по институции, да даваат пари и на крај се да се сведе на лекување“, прашува тој.

Според него, таквите деца првично мора да се тргнат од околината, а тоа е можно само доколку постои институција каде што барем на одредено време би се згрижувале.

„Како проблем со кој теренскиот тим на ХОПС се соочува е и старателството над децата. Голем дел од нив се под штитеништво на Јавната установа за згрижување на деца со социјално-воспитни проблеми и нарушено поведение „25 Мај“ каде што ние и доколку би сакале нешто да преземеме, ни треба согласност. Од друга страна, има децата со чии родители неможе да се стаопи во контакт и се обезбеди придружба или согласност. Има и  додатни бирократски бариери  со кои се соочуваме, па единствено што ни преостанува е да го контактираме детето на улица, да стапиме во контакт со родителите/старателите, и да ги мотивираме и да се обратат  кај матичен доктор“, објасни Колев.

Овој проблем со години се провлекува. Потребите постојано беа истакнувани на прес-конференции, а на протоколот за првпат започна да се работи во 2011 година. Сепак, дури во јануари годинава од Министерството соопштија дека тој е во завршна фаза.

Доцент д-р Лилјана Игнатова Китева

Раководителката на Националниот центар за превенција и третман на зависност од психоактивни супстанци во Кисела вода, доцент Лилјана Игнатова Китева и професорка на катедрата за психијатрија при Медицинскиот факултет во Скопје беше дел од изготвувањето на протоколот. Таа вели дека во писмена форма тој е готов и предаден до Министерството за здравство, но сега чека да биде изгласан на Влада.

Таа во нејзиниот последен Извештај за проценка на стандардите и програмите за третман на зависност од психоактивни супстанци нотира дека во државата не постојат протоколи за лекување на специфични категории на граѓани како бремени жени, адолесценти, етнички малцинства, маргинализирани групи, бездомници.

Минувајќи низ резимето на извештајот за кое иронично рече дека служи за политичарите кои не сакаат да читаат, ги повтори сите пропусти во системот, за кој малолетните зависници од психоактивни супстанци речиси и не постојат.

„Се направи ужасна грешка што струката и луѓето од терен кои имаат одлични познавања не се извршни власти. Извршните власти се бирократи. Струката никогаш не беше вклучувана доволно во донесување на одлуките“, смета таа.

Дел од проблемите кои таа ги забележала е тоа што кадарот не е доволно квалификуван за работа со оваа категорија на граѓани, центрите не се атрактивни места за вработување на млади кадри, а дел од вработените во центрите не се доволно сензибилни за работа со оваа популација и меѓу нив има отпор за работа. Потоа, додава дека недостасуваат средства за евалуација, мониторинг и контиунирана едукација на постоечките програми. Овде ги спомена и останатите пречки како недостапноста и непристапноста на центрите за своите пациенти.

„ Кога ме прашуваат колку се јавиле за третман јас викам ниедно, тоа не значи дека нема, туку вратите на оваа институција се затворени за малолетните. Развивањето на програмата е многу долг процес, но тоа не значи дека треба да ги држиме вратите затворени и да броиме, да правиме регистри па после да видиме што треба да градиме. Треба во исто време да се отворат вратите и да се развива програмата.“, одлучно вели Игнатова Китева.

Според неа, неопходно е со овие деца да работат, психолози, педагози и психијатри. Недостасува менаџер на случај, вели таа. Тој би бил врската меѓу овие деца и светот, кои покрај тоа што имаат потреба од хемиски третман, потребна им е ресоцијализација со светот околу нив. Само така, смета Игнатова Китева, ќе се реши проблемот, а „не само добивањето лиценца за да може да се препишуваат лекови“.

Сепак, доколку државата нема капацитет за посебна програма, Игнатова Китева нуди идеја која веќе се спроведува во Хрватска. Таму го решиле проблемот така што во постоечките служби, прва смена се работи со возрасните зависници од психоактивни супстанци, а во втората смена се работи со децата.

Официјална статистика за бројот на зависници од психоактивни супстанци не постои, особено не за малолетни. Министерството за здравство има свој регистар за тоа колку лица биле дијагностицирани со зависност од психоактивни супстанци. Полицијата, пак, води посебен регистар за лицата кои биле фатени како употребуваат психоактивни супстанци.

Теренскиот тим на ХОПС лани контактираше нови 33 деца кои користат психоактивни супстанци, а седум од нив се нови корисници. Вкупно досега исконтактирале со 85 деца корисници на дроги. Колев вели дека има случаи кога контактирал деца од други градови како Куманово и Штип, а кои потоа исчезнуваат.

Бројот на зависнци е многу поголем, бидејќи голем дел од нив не се обраќаат веднаш до здравствените институции.

Државата дозволува монопол во терапијата со бубренорфин

Терапијата на малолетни зависници од психоактивни супстанци сè уште е сериозен предизвик за земјата, забележува Игнатова Китева во својот извештај. Тоа го покажуваат и индивидуалните случаи со кои се сретнала во текот на работењето. Па така, дете кое се лекувало од својата зависност на Клиниката за педијатрија, подоцна било пренесено на одделот за хирургија, за на крај да заврши во старечки дом, на само 14 години.

Статутот на Психијатриската болница во Скопје при којшто е Националниот центар во Кисела Вода предвидува третман само за возрасни зависници, а клиниката за Психијатрија којашто има оддел за деца и адолесцентни не третира зависности. Ова според неа е класичен пример како државата гради бариери кон овие граѓани.

„Терапијата со бубренорфин е достапна за лица над 16 години на Клиниката за токсикологија, но таму нема мултипрофесионален тим. Тие се интернисти, за срце. Кога ќе дојде пациент зависник од психоактивни супстанци, тие скенираат сè и прават невиден трошок, но не прават скрининг на психата затоа што не умеат. Не прават скринигнг дали има депресија, дали има анксиозност или сексуално злоуставување. Тие го прават тоа што го знаат, а тоа не е ни потребно, тоа е само трошок“, нагласи Игнатова Китева.

Според неа, недозволиво е да се прави двојни жртви од овие деца. Употребата на супституција треба да го намали криминалот, но во Македонија, самиот систем ги втурнува во криминал.

„ Ако сакаш да добиеш бубренорфин, првите три месеци мора сам да го купуваш.  Ако си доволно добар потоа ќе ти го дадеме бесплатно. Со тоа, на фабриката на производителот му се овозможува поголема потрошувачка од дозволената на министерството“, рече Игнатова Китева, раскажувајќи случај каде зависник ја продавал својата терапија со метадон „на црно“ за да може да си ја плати терапијата со бубренорфин.

Друг проблем е тоа што оваа терапија ја има само во главниот град, создавајќи своевиден монопол.

„Пациенти патуваат и по 200 километри за да добијат терапија, или ќе се откажат и ќе добијат само тие што имаат пари. Имало случаи кога на Клиниката за токсикологија се давало бубренорфин на корисници на канабис, иако тоа е супститут за опијат“, истакна таа.

Ова се случува додека во останатите болници низ државата нема возрасно ограничување при лечење на зависниците од психоактивни супстанци.

Раната едукација и градење на вештини клучни за превенција на зависноста

Според Колев, овие деца свесно се игнорираат со оглед на тоа дека тие секојдневно седат пред Законодавниот дом.

„Во многу земји постојат соодветни проблеми, треба само да учиме од позитивните примери да ги приспособиме според нашиот контекст и потреби, за да почне нешто да се презема, бидејќи сè ова е површно. Мора да се зајакнат врските помеѓу невладиниот сектор и институциите, пред сè домовите кои згрижуваат малолетници“, смета тој.

Игнатова Китева, пак, вели дека застрашувањето како објавување на фотографии пред и по користење на психоактивни супстанци не помага, туку напротив се фрлаат пари за можно поттикнување на потребата од психоактивни супстанци кај зависниците.

„ За предшколска возраст, превенцијата на дроги не е да ги учиме ‘не земајте дроги’. Докажано дека функционира е кога тие вечераат со семејството, мијат раце, стекнуваат навики… школото превенира. Се учат со вештини, како да им порасне самодовербата, дека знаат да читаат, дека се чисти, како да се справуваат со конфликти…“, смета таа.

Принтскрин од едно од видеата кои беа дел од владината кампања „Не, благодарам“ за борба против зависноста од психоактивни супстанци

Мајката со која разговаравме вели дека таа секојдневно ги собира нејзините деца од улица, но следниот ден тие повторно се враќаат. Таа вели дека им е потребен постојан кров над глава и средства за да ги испрати своите деца во училиште.

Најголемиот напор за решавање на овој проблем доаѓа од невладиниот сектор. ХОПС преку своите теренски тимови ги контактира и следи малолетниците кои употребуваат психоактивни супстанции и работи со нивните семејејства. Како позитивен пример е и советувалиштето на Х.Е.Р.А. каде во 2015 година се обратиле над 200 клиенти. Постојат и други центри низ државата, но тие се фокусираат на превенција.

Емилија Петреска