„Институции, корупција и двојни стандарди“ – предавање во „Јавна соба“

Младински образовен форум денеска (вторник, 9 јули) од 18 часот во „Јавна соба“ го организира петтото и последно отворено предавање на тема „Помеѓу јавниот и приватниот интерес: институции, корупција и двојни стандарди“. Предавач е Борјан Ѓузелов.

„Зошто во некои држави се живее подобро а во други полошо? Зошто некои држави се богати иако немаат големи природни ресурси и други се сиромашни и покрај природните богатства и поволната географска положба? Која е разликата помеѓу Албанија и Данска или помеѓу Русија и Швајцарија? Зошто и покрај континуираните реформи, Македонија има проблеми со владеењето на правото?“, стои во најавата за предавањето.

Според најавата, предавањето ќе даде теоретски осврт за улогата на институциите, корупцијата и двојните стандарди, како и за клиентелизмот, компетитивниот авторитаризам и заробената држава. Преку примери од повеќе земји ќе се продискутира како овие концепти се поврзани меѓу себе и како влијаат врз квалитетот на демократијата, човековите права и економската благосостојба.

Предавачот Борјан Ѓузелов е докторанд по политички науки на Queen Mary University of London. За главно поле на научен и професионален интерес ги има демократизацијата на постсоцијалистичките општества и доброто владеење. Автор е на повеќе трудови и соработува со неколку домашни и странски истражувачки организации.

Изборното предавање е организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество. Целта е алумни стипендистите, преку своето стекнато знаење на различни престижни универзитети и факултети, да придонесат кон развој на општествениот дискурс помеѓу младите во државата, преку нивно информирање за релевантни општествени теми.

Ова предавање е петтото и последно изборно предавање од циклус предавањата организирани од  Младински образовен форум. Во текот на месеците април-јули, заклучно со ова предавање, МОФ организираше пет предавања од различни општествено релевантни теми.