Инсталација „Лебдење“ на „Скопје Креатива“ посветена на мигрантите

МЕЛЕЕМ – Скопје ќе присуствува со своја инсталација „Лебдење“ на петтото издание на фестивалот
Скопје Креатива, кој од 9 до 11 јуни ќе се одржува на Плаја Виста во Скопје.

Инсталацијата „Лебдење” сака да се осврне на моменталната глобална состојба на масовна миграција на загрозеното население и животните предизвици низ кои мигрантите секојдневно поминуваат и со кои се соочуваат.

„Лебдење” е висечки шатор кој го претставува привремениот “дом” на мигрантите на нивниот пат кон излез од настанатата ситуација. Идејата на лебдечкото засолниште произлегува од неможноста овие “привремени домови” на мигрантите, кои се во постојано движење, да се фиксираат на едно тло.

„Волуменот ја симболизира планетата Земја на која сите живееме со различно секојдневие, а едно од тие е и секојдневието на мигрантите. Преку поставување на „Лебдење” сакаме на посетителите да им ја доловиме атмосферата на миграцијата која се одвива изминатиов период и да го доближиме до нив овој глобален проблем“, појаснуваат од МЕЛЕЕМ.

Инсталацијата ќе биде изложена во текот на целиот настан.