#ИнстаИлустрации – Петар Шулевски

Петар Шулевски од Скопје илустрира и создава ликови уште од мал, добивајќи идеи од различни цртани филмови и стрипови кои во тоа време ги гледал и читал. Дигиталниот цртеж му е главен начин на изразување, иако до неодамна најмногу цртал традиционално. Во моментов работи како фриленс концепт артист и илустратор.

„Воглавно цртам во боја, но во слободно време обожавам да цртам и црно бели илустрации. Кога цртам за себе преферирам да користам фајнлајнери, дрвени боици и алкохолни маркери, но на проекти работам исклучиво дигитално. Засега сум многу задоволен од работата која ја работам и иако знам дека имам уште многу за учење и за надоградување, на тоа гледам како еден голем предизвик и патување исполнето со возбудливи и забавни моменти, а тоа од ден на ден се повеќе ме мотивира“, вели тој за Радио МОФ.

Шулевски досега бил вклучен во неколку проекти, од кои еден е како концепт артист за Апаси студиос, а во моментот работи на уште два поголеми од кои едниот е како илустратор за македонска книга која се надева дека ќе биде издадена наскоро. Има освоено и награда за  најдобар минималистички дизајн на тетоважа на натпревар во Дојран.

Тој вели дека обожава да создава ликови и чудовишта за кои инспирација црпи од најразлични игри, филмови, серии, аниме, стрипови и книги. Како артисти кои најмногу го инспирираат се: Марк Брунет, Карл Копински, Трент Каниуга, Итан Бекер, Дејв Греко и Даниел Шерекин.

Шулевски е уште еден илустратор кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од неговите илустрации: