#ИнстаИлустрации – Тамара Ѓуроска

Тамара Ѓуроска е млада уметница која твори зад профилот @dark.sun.illustrations. Нејзината врска со уметноста започнала во средношколските денови, кога учествувала во клуб на уметници и обуки за традиционална и дигитална уметност, од кои една во Унгарија во склоп на Еразмус+ програмата. Била дел од неколку групни изложби и напорно работи кон остварување на самостојна изложба.

Во нејзините дела таа претежно користи акрил, акварел и рапитографи, а од минатата година таа го започна и личниот проект насловен #КафеШкртки со кој започна да навлегува и во светот на дигиталната илустрација. Ѓуроска постојано се обидува да наоѓа предизвици, да експериментира со нови стилови, медиуми и теми за цртање.

„На почетокот, огромен предизвик ми беа портретите на чие проучување посветив неколку години. Мислам дека и се забележува рачувајќи дека половина од сите споделени цртежи ми се портрети. Дострелот ми беше да ги уловам емоциите на луѓето преку суптилни промени во нивните фацијални експресии. Минатата година, си поставив нов предизвик – да ги прикажам нивните психолошки состојби без да ги прикажувам нивните ликови, па така се родија Сончогледовците ( the Sunflower Men), чиј број планирам да го зголемам. Главна инспирација за нив ми беа сончогледите на Винсент Ван Гог, иако моите сончогледи воопшто не наликуваат на неговите“, објаснува таа.

Минатата година таа се посвети и на цртањето мали слатки животинчиња, претежно во периодот на Инктобер.

„Обожавам животни, а особено ги обожавам фотографиите на кои се фатени како прават некој смешен израз на лицето или изведуваат некои акробации кои го доловуваат нивниот разигран карактер и не можам да одолеам, а да не нацртам некое од нив“, појасни Ѓуроска.

Листата на уметници на кои им се восхитува е огромна – од Ван Гог, Густав Климт, Хиеронимус Бош, Јоханес Вермир, па до Едвард Хопер и Питер Пол Рубенс. Од дигиталната уметност, пак, ја следи работата на Alireza Karimi Moghaddam.

„Во 2020 имам создадено над 100 дела, било тоа квалитетно дело или едноставна шкртка за разонода. Се надевам дека и во 2021 ќе имам добра творечка содржина и исто толку, па и повеќе создадени нови дела. На долгорочен план, би ми било огромна чест да илустрирам детска сликовница, боенка и корица од книга. Чекор по чекор, се надевам дека ќе успеам да си ги остварам своите цели и цртањето да ми премине во full time професија“, се надева таа.

Ѓуроска е уште една уметница која се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од нејзините илустрации: