#ИнстаИлустрации – Марио Стошевски

Марио Стошевски е уметник од Куманово кој работи како фриленсер на разни проекти – од илустрирање на друштвени игри, па до стрипови, книги и графички новели.

„Од секогаш ми било интересно да цртам, моментот кога разбрав дека со тоа можам да се занимавам професионално ништо друго не ме интересираше“, вели тој за Радио МОФ.

Стошевски дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, но пораснал со цртаните филмови на Disney, Cartoon Network и Boomerang кои, како што појаснува тој, имале голема улога во изборот на неговата професија.

Инспирација, пак, црпи од она што го опкружува, од природа, пријатели, колеги, илустрации, филмови, видеоигри и стрипови.

„Омилена тема за илустритање ми е фантастичното и нереалното, како митски суштества, борци од различни раси со разновидни оружја. Исто така, уживам и во цртање на животни. Најверојатно поради нивната разновидност. Интересот кон сето ова претпоставувам дека најмногу потекнува од Lord of the rings, World of Warcraft, Game of thrones и слично. Среќен сум што успевам да изградам кариера со нешто што ми е навистина драго“, истакна тој.

Стошевски е уште еден илустратор кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од неговите илустрации: