Инстаграм тестира услуга за претплата на креатори кои ќе продаваат ексклузивна содржина

Инстаграм почна да тестира нова услуга за претплати што им овозможува на креаторите да понудат ексклузивна содржина на претплатниците што плаќаат, функција популаризирана претходно од „ОнлиФанс“, „Сабстек“ и „Патреон“, пренесува Форбс.

Избраните креатори можат да обезбедуваат ексклузивни преноси во живо, „сториња“ и значки за претплатниците кои плаќаат, а кои ќе бидат означени со виолетова нијанса, потег што „ќе им помогне на креаторите да заработат повеќе“, рече Марк Закерберг, извршен директор на матичната компанија Мета.

Програмата се тестира со 10 популарни креатори со седиште во САД, кои секој од нив има десетици илјади следбеници и ќе стане достапна за повеќе креатори во наредните месеци, соопшти компанијата.

Креаторите ќе имаат можност сами да постават цена на претплата од 0,99 до 99,99 долари месечно.

Адам Мосери, шефот на Инстаграм, рече дека компанијата работи на начин креаторите да ја искористат својата листа на претплатници надвор од Инстаграм на други платформи.

„Креаторите го прават она што го прават за да заработат за живот, и важно е тоа да биде предвидливо. А претплатите се еден од најдобрите начини да имате предвидлив приход, начин кој не е поврзан со тоа колку дофат добивате на која било објава“, рече Мосери.

Инстаграм е најновата платформа за социјални медиуми која се обидува да го следи успехот на сајтовите со содржина како „ОнлиФанс“ и „Патреон“, како и платформата за билтен „Сабстек“.

Минатата година, Твитер ја лансираше својата верзија на моделот за претплата, „СуперФолоус“, кој им овозможува на корисниците да плаќаат 2,99, 4,99 или 9,99 долари месечно за да добиваат ексклузивна содржина од креаторите на кои се претплатиле. Твитер и Фејсбук лансираа и билтен услуги минатата година. Јутјуб започна членства на канали во 2018 година.