Инстаграм почна да ги крие лајковите на објавите во неколку земји

Инстаграм го крие бројот на лајкови на објавите во неколку држави, вклучувајќи ги Австралија и Јапонија, со цел да се „отстрани притисокот“ врз корисниците.

Инстаграмџиите сè уште можат да го видат бројот на лајкови кои ги добиваат на нивните објави.

Ова се прави поради загриженоста дека социјалните медиуми можат да придонесат за ниската самодоверба и несоодветни чувства кај младите луѓе.  Инстаграм го проба истото во Канада во мај, а тестирањето продолжува во Австралија, Нов Зеланд, Ирска, Италија, Јапонија и Бразил, изјавуваат од компанијата за „Би-Би-Си“.

„Се надеваме дека овој тест ќе го отстрани притисокот за тоа колку лајкови се добиваат на објавите, за да можете да се фокусирате на споделување на работите што ги сакате“, изјави Миа Гарлик.

Целта, додава таа, е корисниците помалку да се осудуваат и да видат „дали оваа промена може да им помогне на луѓето помалку да се фокусираат на лајковите и повеќе да ги раскажуваат нивните приказни“.

Инстаграм вели дека тестот нема да влијае врз мерните алатки за бизнисите. А корисниците со кликнување можат да ја видат листата на луѓе кои лајкнале објава на друг корисник.

„Сакаме луѓето помалку да се грижат за тоа колку лајкови добиваат на Инстаграм и да трошат малку повеќе време за поврзување со луѓето за кои им е грижа“, вели Адам Мосери од Инстаграм.