Инстаграм ќе започне да ги крие фотографиите обработени во Фотошоп – цензура или обид за спречување дезинформации?

Инстаграм одамна користи филтер за сензитивна содржина која ги замаглува можните навредливи фотографии, давајќи им опција на корисниците да ги видат со претходно предупредување. Истото се случува и со пораките добиени од корисници кои не ги познаваме.

Но сега, Инстаграм планира да воведе нова функција, односно ќе ги крие сликите кои можеби се претходно фотошопирани или поправани. Проверките на факти на платформата ќе „ловат“ фотографии кои биле дигитално поправани и ќе ги претставуваат како „лажни информации“.

Ова му се случило на фотографот Тони Хариман од Сан Франциско кој пред некое време воочил дека фотографија објавена од профилот „MIX Society“ била цензурирана. Во својот Фејсбук пост, Хариман напишал: „Имам голема почит за дигиталната уметност и не сакам да кликам низ бариери за да ја видам.“

Хариман укажува на потенцијален проблем со оваа нова функција. Таа може да резултира со уште поголема цензура од страна на Фејсбук, компанијата која го поседува Инстаграм. Фејзбук веќе во неколку наврати е обвинет за лажна цензура, најчесто кога станува збор за голи тела во уметнички контекст.

Пред извесно време, жена постави гумена женска града пред канцеларијата на Фејсбук во Лондон, како протест против полисата за цензурирање на женските брадавици.

Фејсбук ја вклучува оваа нова функција во обид да го смири бранот на дезинформациите на социјалните мрежи, но сѐ уште не се знае дали новата функција ќе делува врз објавите со дигитална уметност, генеричките фотографии, па дури и мемињата.

Извор: Dazed&Confused