„Инстаграм генерацијата“ ја зголемува бројката на храна која непотребно се фрла

Генерацискиот јаз во навиките на готвење и исхрана придонесува да се зголеми фрлањето на храна во Велика Британија, покажува истражување. Според него, милениумците не ја разбираат вредноста на храната во нивната чинија, пишува Гардијан.

Постарите луѓе се запознаени со пост-военото штедење и резерви на храна, а за контраст, оние на возраст од 18 до 34 години се преокупирани со визуелната презентација на храната за фотографирање и споделување на социјалните медиуми. Наместо да ги планираат рационално своите оброци, купуваат премногу храна, а потоа ја фрлаат.

Велика Британија фрла дури 15 милиони тони храна секоја година, од кои 7 милиони тони доаѓаат од домаќинствата. Проценетата продажна вредност на оваа храна е 7,5 милијарди фунти, а владиното советодавно тело за намалување на проблемот со фрлање на храна, пресметува дека просечно британско семејство фрла непотребно троши околу 700 фунти на храна секоја година.

Поради тоа, било спроведено истражување од Сенсбури, кое открило дека повеќе од половина (55%) од луѓето на возраст од 18-34 години имаат „живеј за да јадеш“ став кон храната – повеќе задоволство отколку потреба, но и поголеми сметки и повеќе фрлена храна.

„Милениумците“, односно оние кои се родени после 1980-тите, се и оние кои има најголема можност да пробуваат необични рецепти за да создаваат „Инстаграм“ порции, во кои има „егзотични“ состојки кои не се користат повторно.

„Пост-воениот пораст во фрлањето на храна од домаќинствата се случува поради промените во тоа како ги вреднуваме изборот, времето и парите поврзани со храната“, вели историчарката за храна и водителка на телевизиско шоу, Поли Расел.

„Поминаа деновите на јадење на истата храна, на истите денови од неделата, недела по недела. Повеќето луѓе денес, особено помладите генерации, бараат различност. Сепак, со мени кое се менува често, попредизвикувачки е да се контролира фрлањето и да се планира предвреме“.