Инспекторите го затворија кафе-барот „Интермецо“ поради гласната музика

Инспекторите го затворија познатиот скопски кафе-бар „Интермецо“ поради правење преголема бучава. Согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, Секторот за инспекциски надзор на Општина Центар, донесе решение со кое му се забранува да врши угостителска дејност во рок од 30 дена.

„По пријава и континуирани поплаки од страна на жителите на Општина Центар, констатирано е дека локалот и правниот субјект Интермецо ги надминал пропишаните гранични вредности на имисионото право на бучава. Со оглед на горенаведеното правно лице, за кое веќе му е изречена глоба во износ од 6000 евра и поради повторно непочитување на законските одредби, на кафе барот Интермецо му се изрекува забрана за вршење дејност“, соопштија од Општина Центар.

Оттаму апелираат до сите угостителски објекти да го почитуваат Законот за заштита од бучава во животната средина и да се придржуваат до пропишаните правила и прописи за дозволеното ниво на децибелажа.
Најавуваат и дека општината продолжува со редовни и засилени контроли, но и казнување на угостителски објекти кои нема да ги почитуваат законските прописи.