Инспекторатот за животна средина одлучи да се затвори „Југохром“, на потег е Владата

Државниот инспекторат за животна средина донесе одлука за затворање на комбинатот „Југохром“ поради непочитување на крајниот рок за поставување филтри на оџаците, кој истече вчера. Оваа одлука ја соопшти министерот за животна средина, Башким Амети, кој претпладнево се сретна со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, пренесува „Мета“.

„Денеска ја информирав Арифи дека инспекторатот донесе одлука за затворање на ‘Југохром’. Ова решение е донесено врз база на сите законски прописи, иако со оваа одлука не се согласуваат сите засегнати страни. Да се донесе ваква одлука е тешко, имајќи ја предвид социјалната димензија и луѓето кои работат таму, но, сепак, сметаме дека здравјето на граѓаните е пред сè“, изјави министерот Амети.

Градоначалничката Арифи ја поздрави одлуката на Државниот инспекторат за животна средина.

„Нашите позиции како локална власт се јасни. Многу е важно овој комбинат да не работи во зимскиот период, кога воздухот е најзагаден“, изјави Арифи.

Од раководството на комбинатот велат дека интензивно работат на прилагодување кон еколошките стандарди, односно на изградба на систем за отпрашување. Според генералниот директор на „Југохром“, Васко Скендеровски, филтер-станицата не била изградена во предвидениот рок затоа што била сложена процедурата за добивање на дозволата за градба.

Сепак, конечната одлука за затворање на „Југохром“ треба да ја донесе Владата на една од наредните седници.

Инаку, денеска од ДОМ реагираа и потенцираа дека доколку Владата не ги преземе законските мерки за да ги заштити граѓаните од труењето на комбинатот  „Југохром“, „зелената партија“ ќе поднесе нова кривична пријава за фирмата и нејзиното раководство.

„Неодговорно и несериозно е однесувањето на раководството на еден од последните големи загадувачи, кое повторно ја излажа целата македонска јавност дека тече процесот на набавка и монтажа на филтер-опремата. Наместо тоа, сега изјавуваат дека не стигнале ни во овој рок еколошки да се прилагодат, па бараат од Владата продолжен рок за уште 1,5 година. Тоа значи уште 1,5 година безмилосно труење на своите вработени, но и на илјадници граѓани на Јегуновце, Тетово, Гостивар и околината!“, соопштија од ДОМ.

Според Законот за заштита на животната средина, велат от таму, првиот рок за еколошко прилагодување беше 1 април 2014 година и тој е одамна поминат, а поминаа и сите продолжени рокови што ги доби комбинатот, со серија ветувања дека „само што не ја монтирале опремата за филтрирање на опасната прашина“.

ДОМ имаше поднесено кривична пријава за Југохром до обвинителството во Тетово, но, велат тие, таа била одбиена без образложение.

Невладината „Еко герила“, пак, вчера објави видео-материјал со сите ветувања, одложувања и прекршувања на роковите за поставување соодветни филтри на комбинатот „Југохром“ од Јегуновце.

.’Југохром’ имаше повеќе од две години да го реши овој проблем, бидејќи Законот кој бара да се постават филтри во фабриките постои од 2005 година. Фактот што ‘Југохром’ ги злоупотреби сите досегашни рокови и проаѓа неказнето од Министерството за екологија и Владата, фактот што Јавното обвинителството на Тетово, не прифатило да процесира ниту една кривична тужба против овој загадувач, како и молчењето на многу институции за овој проблем, ни ја губи надежта дека проблемот со згадувањето со кој се соочуваат граѓаните на Тетово ќе се реши“, велат од „Еко герила“.

Активистите напоменуваат дека на терен не виделе ниту Ф од филтрите, па оттука, велат тие, секој обид да се даде друг рок на овој загадувач дава „сериозни сомнежи за голема корумпирана афера, во која можно е да се вклучени двете владејачки партии“.