Инспекција во гевгелиската градинка каде вработена навредува дете што плаче

Министерството за труд и социјална политика најави дека ќе испрати инспекција во градинката „Детска Радост“ во Гевгелија откако на социјалните мрежи почна да се споделува видео во кое се слуша неутешен детски плач.

Како што објави 18-годишната Јулијана Ортовска на својот ФБ профил, случката ја вознемирила, а видеото е снимено денеска.

„Еве што се случува позади грб на родителите од многу искусните вработени во градинките. Плачењето траеше два саати, а таа наместо да ги смири, им се обраќаше со кучко една, краво и што уште не“, напиша таа на својот профил.

Од Министерството за труд и социјална политика најавија итна реакција за случајот.

„Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата, веднаш стапи во контакт со директорот на установата, а инспектори се упатени  на терен за да извршат вонреден инспекциски надзор. Доколку се потврди веродостојноста на случката, сите одговорни ќе бидат веднаш санкционирани. МТСП нема да толерира било какво несоодветно однесување со децата во градинките. Во најбрз рок ќе ја известиме јавноста за наодите и следните чекор во однос на овој случај“, се наведува во нивното соопштение.