INmusic 11: Енергични настапи на светски ѕвезди, музика за сечиј вкус и сцена во чест на Тесла и Боуви

На единаесеттото издание на INmusic фестивалот, кој ќе се одржи од 20-22 јуни на островот Јарун, Загреб, ќе настапат Florence + the Machine, PJ Harvey, Skunk Anansie, Pat Thomas and Kwashibu Area Band и многу други. Новост годинава е Tesla Tower сцената, создадена во чест на најголемите и најиновативните умови – Никола Тесла и Дејвид Боуви.

Florence + the Machine доаѓаат на INmusic, каде освен своите добропознати и сакани хитови, Флоренс Велч и нејзиниот бенд ќе ги претстават песните од нивниот најнов албум, „How Big How Blue How Beautiful“. Англискиот инди рок бенд го освои светот со наградуваниот албум од 2009 година, Lungs, а Ceremonials веднаш стана број еден албум во Велика Британија.

Дел од големиот камбек на сцената на англиската пејачка PJ Harvey, е и нејзиниот концертен настап на фестивалот во Загреб. Долгоочекуваниот албум Recording in Progress, кој го објави на почетокот на годинава, ја одведе на патување низ Косово, Авганистан и Вашингтон, а на INMusic ќе ги изведува песните од него, но и од претходните наградувани албуми.

Свој настап ќе има и енергичниот британски бенд Skunk Anansie, кои често се нарекуваат „дел од бритрок движењето“. Имаат објавено шест студиски албуми, а се најпознати по своите хитови „Charity“, „Hedonism“, „Selling Jesus“ и „Weak“.

Од звучните имиња на алтернативната сцена, посетителите на INmusic ќе имаат можност да ги проследат и настапите на The Kooks, Django Django, Gutterdämmerung и Henry Rollins, Jake Bugg, Wilco, Pennywise и многу други.

Pat Thomas, често нарекуван „златниот глас на Африка“ и „првата рок ѕвезда на Гана“, заедно со својот Kwashibu Area Band ќе ги донесе африканските звуци како „хедлајнер“ на OTP World Music сцената.

Комплетната програма може да ја најдете на овој линк.

Во рамките на единаесеттото издание на фестивалот, на Јарун привремено ќе биде изградена и реплика на Тесла кула. Веродостојната реплика ќе биде малку пониска од оригиналната кула (ќе има 30 метри), срушена пред 99 години.

Овој единствен проект на INmusic фестивал е посветен на двајца исклучително талентирани луѓе кои оставиле неизбришлива трага на човештвото – Никола Тесла и Дејвид Боуви. Со посебна посвета на двајцата великани, Тесла кулата воедно е и посвета на хуманизмот, иновативноста и позитивните аспекти на човечкото создаваштво, кои го менуваат светот и го прават подобар и поубав, велат организаторите.

За оние кои ќе престојуваат во фестивалскиот камп, има организирано активности како пливање, многубројни работилници, рекреација, екстремни спортови и екскурзии до блиските знаменитости. Ќе се одржуваат бесплатни часови по јога, одбојка на плажа, а има и терен за фудбал, скејт парк и велосипедска патека. Освен тоа, островот Јарун е одлично место за сурфање, веслање, јавање коњи, мини голф и многу други спортови. Кампот се отвора во петок, на 17-ти јуни, а се затвора наредниот петок, на 24-ти.

Сите најинтересни случувања од INmusic може да ги следите на Радио МОФ, чија репортерка ќе го следи фестивалот.