Инклузивна танцова претстава „Пепелашка“ во МОБ

Во големата сцена на Македонска опера и балет на 9 април од 20 часот ќе се одржи премиера на на инклузивна танцова претстава „Пепелашка“ во целосна организација на „Еурека“, од идеа до реализација.

„Се случува прв пат во регионот. Главните ликови се лица со физички попречености (Марија, Мики, Дени и Јована), а останати улоги се членови на танцово студио ‘Еурека’“, велат организаторите.

„Можна ли е Пепелашка во новово време? Или Нова Пепелашка во старо време? Не мислите ли дека лице со попреченост е необичната Пепелашка во ова наше сурово време? Токму релацијата лице СО и лице БЕЗ попреченост е основното врзивно ткиво на овој зачуден сценско-драмски-танцувачки проект со млади танчери од студиото Еурека и инвалидизирани лица (лица во колички). Како да се зближиме? Како да си помогнеме? Како да се прифатиме? И зафаќајќи се тематски за ова сиже на познатата бајка, низ проектот ги поставуваме овие прашања и низ играта, танцот се обидуваме да дадеме одговори и да понудиме нов вид ИНКЛУЗИЈА. Не декларативна, не симболична, туку применлива, прифатлива, одржлива, зашто се базира на обострана желба на танчерите и актерите, на огромна љубов на едните – за танцување, на другите – за играње на сцена во нивните колички. За едните се најважни чекорите, за другите – тркалата на количките, но заедно се исполнуваат наметнатите задачи, се совладуваат многуте препреки на патот и рамноправно се освојува сцената“, се вели меѓу другото во најавата за претставата.