„Инклузива“: Половина од гласачките места со скали немаат пристапни рампи за лицата со попреченост

Правото на глас сѐ уште не е достапно за сите граѓани, покажа мониторингот на парламентарните избори 2020 за гласањето на лицата со попреченост. Изборите ги набљудуваа 67 набљудувачи – лица со попреченост и го следеа гласањето на 201 избирачко место, а наодите беа презентирани денеска во Државната изборна комисија, од здружението „Инклузива.

„Седумдесет и шест отсто од гласачките места имаат скали, а на половина (49%) од нив нема пристапни рампи. Онаму каде што има рампи, една третина од нив не може да се користат. На секое петто избирачко место (20%) немало параван за гласање на лице во количка. Иако има подобрувања како шаблонот на Браево и граничникот за потпис, тие не се поставени на сите гласачки места“, изјави Благица Димитровска, претседателка на „Инклузива“.

 

„Иако се направени подобрувања во пристапот до гласачкиот процес, преостанува уште многу да се направи да се отстранат бариерите за лицата со попреченост до ова фундаментално право“, изјави амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека  институциите и политичарите имаат обврска да обезбедат еднакво учество на лицата со попреченост во политичкиот живот и да го гарантираат нивното право на глас.

„Треба да работиме на зголемување на репрезентативноста на лицата со попреченост во активниот политички живот, со што ќе се зголеми учеството во носењето одлуки и темите кои се важни за нив секогаш да имаат место на политичката агенда“ изјави министерот за правда Бојан Маричиќ.

Од „Инклузива“ посочуваат дека обезбедување еднаков пристап до правото на глас треба да биде приоритет и да се продолжи со континуирано подобрување на гласачкиот процес. Велат дека треба да се направат критериуми за пристапноста на гласачките места, затоа што тие често се и образовни објекти, и нивната пристапност се одразува и на пристапот до образование. Политичките партии треба да бидат достапни за гласачите со попреченост, да ги вклучуваат во своите редови и на кандидатските листи, додават од здружението.

Мониторингот беше спроведен од страна на „Инклузива“, со поддршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Западен Балкан.