Иницијативата за донирање јакни на бездомници се шири и на Балканот

Метеоролошките станици низ светот најавуваат ниски температури и за наредните неколку денови. Поради ова, луѓето кои сакаат да им помогнат на бездомните лица организираат различни акции.

Една од нив е поставување штанд пред продавници при што граѓани ги оставаат зимските јакни кои повеќе не им се потребни, а кои би можеле да им послужат на лицата кои немаат. Оваа акција првично започна да се шири во некои американски држави, а деновиве во тоа се приклучија и неколку балкански држави.

Група граѓани во Хрватска за утре најави дека пред одредени продавници ќе се постават закачалки на кои граѓаните ќе може да остават јакни, или да си земат доколку им е потребно.

„Студот е особено тежок за нашите сограѓани кои немаат дом, или се во тешка финансиска ситуација во своите домови без греење. Бидете на овој начин дел од една убава хуманитарна приказна“, се вели во повикот на групата „Културни креативци во Хрватска“.

Поради студениот бран во Западна и Централна Европа починаа најмалку 51 човек. Во Македонија, засега е најдено едно тело на починат бездомник за кое првично се претпоставува дека починал од студот, но телото е дадено на обдукција.