Иницијативата #ТвитерДедоМраз собира пакетчиња за деца од социјално загрозени семејства  

Преку хаштагот #ТвитерДедоМраз преку социјалните мрежи повторно се шири иницијатива и се собираат новогодишни пакетчиња за деца од социјално загрозени семејства.

Повеќе граѓани веќе се вклучија во хуманата акција, а со клик на сајтот имаат шанса да бидат Дедо Мраз. Иницијативата започна вчера во 15 часот и до овој момент, за ден ипол, се собрани над 700 пакетчиња.

Целата приказна започна лани, кога главната сестра на Неврохирургија сподели дека би било убаво доколку се помогне да се подобрат условите на Детското одделение на Неврохирургија. Потоа, преку Твитер идејата зема замав преку хаштагот #ТвитерДедоМраз, a луѓето се прашуваа како може да помогнат, не само финансиски, туку и физички.

„Бидејќи не сме фирма, не сме организација, граѓанско здружение и слично, немавме начин како да ги собираме средствата, но, помогнаа регистрирани граѓански здруженија кои се занимаваат со слични донации отварајќи ги сметките за оваа цел. И така помош стигнуваше од сите страни. Од фирми, здруженија и физички лица кои се во и вон државава. Не само што го постигнавме она што го сакавме напраивме и многу повеќе. Задоволни од минатата година, твитерџиите прашуваа што за годинава“, велат од иницијативата за Радио МОФ.

Со помош на Љубезност и ГрабИТ е направен сајтот, а првичниот таргет е да се соберат 1.000 пакетчиња.

Амбициозно, корисникот @gogiche повторно стави хаштаг #1000пакетчинаЗа1000Дечиња. Хаштагот стана вирален како самиот #ТвитерДедоМраз и почнаа луѓе да се јавуваат и нудат поддршка и помош.

„Во Скопје си имаме твитерџија Дедо Мраз со кого постновогодишно ќе однесеме пакетчиња и лично кај семејствата. Доколку собереме повеќе од зацртаното, ќе ги намениме парите за уште некоја добра кауза, а во блиска иднина планот ни е да им помогнеме на ‘Љубезност’ да направат сајт сличен на dedomraz.mk преку кој лесно ќе се собираат донации за разно-разни хумани каузи“, потенцираат од иницијативата.

Од таму напоменуваат дека ниту една инволвирана страна нема профит во оваа кампања и дека сите средства кои се донирани, ќе бидат употребени за припрема на новогодишни пакетчиња и нивна дистрибуција до деца од загрозени семејства. Секој може да донира едно или повеќе пакетчиња во зависност од бројот на избрани деца.

„Оваа година акцијата ќе трае до Стара Нова Година, односно 14 јануари 2019 година“, напоменува иницијативата.

Бојан Шашевски