Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ најави герила-акција пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), во пресрет на 12 март – рокот до кој фабриката „Титан Усје“ треба да поднесе барање за нова А-интегрирана еколошка дозвола.
Од иницијативата посочуваат дека со оваа дозвола ќе се утврдат условите под кои цементарницата ќе може да работи во наредните седум години. Дозволата ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање и со неа се дефинираат клучни параметри поврзани со работата на фабриката и нејзиното влијание врз животната средина.
Според „Стоп за Усје“, во дозволата се утврдува каква технологија и филтри мора да користи фабриката, до кои граници смее да загадува, кои параметри мора да ги мери, како и колку често и дали резултатите од мерењата треба јавно да се објавуваат.
Од иницијативата нагласуваат дека овие одлуки директно влијаат врз квалитетот на воздухот што го дишат граѓаните и затоа повикуваат на поголема јавна внимателност и транспарентност во процесот.
Со најавената акција пред МЖСПП, активистите сакаат да испратат порака дека граѓаните внимателно го следат процесот на издавање на дозволата и дека се заинтересирани за јавната расправа поврзана со неа.



