Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ бара средба со премиерот и најавува протести

Граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ бара средба со премиерот Зоран Заев и другите владини претставници кои се задолжени за развојот на зимскиот туризам. Тие бараат средбата да се одржи на Попова Шапка во сабота, во 11 часот, пренесува Мета.

Тие му порачуваат на премиерот посетата на Попова Шапка да ја реализира како обичен граѓанин, за да ги следи реалните тешкотии со кои постојано се соочуваат посетителите на овој туристички центар.

„Владата детално да ги анализира условите на Договорот со изведувачите на шестоседниот ски-лифт и да превземе одредени мерки и да се санкционира изведувачот. Бараме од Владата да формира комисија за надзор на одвивање на работите на Попова Шапка со вклучување на претставници од граѓанскиот сектор, експертите за зимските спортови и стручен кадар кој е запознат со проблематиката. Да се посвети итно внимание за да се надминат проблемите и кризата која се повторува секоја година на Попова Шапка и тоа чистење на паркингот од снег, редовно функционирање на ски-лифтовите, да се гарантира ред и мир, да се обезбеди 24-часа функционирање на амбулантата  на Попова Шапка. Бараме повеќе посветеност од Агенцијата за развој на туризам, Агенција за млади и спорт и од Скијачката федерација за да вршат повеќе притисок до надлежните институции за неуспешностите на нормалното функционирање на Попова Шапка“, изјавија денеска од иницијативата.

Од таму бараат „ЕЛЕМ АД конечно да се повлече од уништувањето кое се врши на туристичкиот центар Попова Шапка“.

Иницијаторите за спас на Попова Шапка велат дека ако надлежните институции денеска не реагираат како што треба во однос на овие барања, тогаш ќе се соочат со протести и сериозни блокади на 12 јануари во 11 часот.

Мета