Иницијатива за закон за донирање храна: Наместо на депонија, вишокот производи до социјално загрозените

Околу 30 отсто од храната произведена или увезена во Македонија никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето или во текот на транспортот, или на крајот во отпад ја фрлаат големите трговски синџири и потрошувачите. Само на скопската депонија Дрисла годишно завршуваат 1.730 тони храна, а споредувајќи по население и генерирање отпад по глава на жител по региони, во цела Македонија овие бројки се околу минимум 5.000 тони храна која се фрла во депонија.

Ова се податоци од изминативе години. Тие се почетна точка, поттик за новата иницијатива за донесување Закон за донирање храна. Процесот за креирање и лобирање ваков закон го започна Асоцијацијата „Ајде Македонија“ со поддршка на National Democratic Institutе, а во соработка со неколку партнерски организации.

Основни цели на законот е намалување на количеството на отпад од храна, и загуби од храна. Односно, соодветно да се преределуваат вишоците здрава и безбедна храна до социјално загрозените граѓани и животни пред истекот на употреба. На ова би се обврзале угостителските објекти и големопродажните синџири за храна.

Според иницијаторите, Франција и Италија се успешни примери на земји каде со Закон се ограничува фрлање храна по депонии, а воедно се олеснуваат донации онаму каде се најпотребни.

„Во Франција маркетите мораат да склучат договор со некоја хуманитарна организација доколку сакаат да се ослободат од вишокот храна. Не смеат да ја носат по депонии. Направен е законски механизам, следат и казни, па веќе не им се исплатува да ја фрлаат храната, туку подобро да ја дадат на некоја организација. Мислам дека италијанскиот закон е дури и подобар. Овозможува и субвенции. За целиот процес е потребна силна и организирана мрежа, за да може сите организации да ја превземаат храната. Нужна е логистика, просторни услови за сместување на храната, транспорт, нејзина дистрибуција… Таа улога им е дадена на невладините организации, па италјанците имаат обезбедено и надоместоци“, вели за Радио МОФ Блаже Јосифовски од платформата „Ајде Македонија“.

blazhe-josifovski-ajde-makedonija

Блаже Јосифовски „Ајде Македонија“

Кон создавање на регулаторна рамка, иницијаторите упатуваат и на даночни ослободувања, потребни олеснувања за НВО секторот, но и измена на дефиниции за термини како „оператор со храна“, „храна за животни“,„мора да се употреби до“, „има трајност до“, „отпад од храна“…

Би се поедноставиле и процедурите за донирање храна за компаниите. Решенијата би создале одржив систем за донирање големи количества производи преку финансиски стимулации од Буџетот на Република Македонија.

„Од октомври National Democratic Institutе ќе започне со обуки, за да се придвижат процесите и да се знаат филтрите низ кои треба да помине законот, како тој ќе се концепира за домашни услови… Мислам дека ќе има и политичка волја за негово спроведување. Во сите досегашни земји наидува на позитивни реакциии –  го поддржуваат и позиција и опозиција“, потенцира Јосифовски.

Во Македонија, вели тој, имало сличај кога поголем маркет ја вратил робата на дистрибутерот, а потоа на депонијата Дрисла завршиле 8 тони чоколади.

„Со законот, за таквото одложување ќе треба дополнително да платат. Па, замислете колку се 8 тони чоколади? Нема логика да се фрла толку храна! Некои, од различни причини, не ги предвидуваат тековно работите, вака ќе мора однапред да се предвиди каде и кому ќе заврши таа храна. Така е и во Франција. Регулиран е периодот кога би се предала храната, пред да помине рокот. Треба да се разгледа таа состојба, бидејќи, реално, за различни производи важат различни рокови. Дел од храната не се расипува веднаш, не ги губи основните својства. Затоа, ќе има и проширени консултатии, со повеќе страни. Очекуваме напорен процес за да стигнеме до финален, функционален закон“, вели Јосифовски од „Ајде Македонија“.

arash-derambarsh-alongside-other-volunteers

Францускиот политичар и поддржувач на кампањата против фрлање храна, Арaш Дерeмбарш, заедно со други волонтери донираат производи на бездомни лица

Иницијаторите потребата за законот ја согледуваат и преку бројките за стапките за сиромаштија. Имено, анализата на сиромаштијата за периодот од 1997 – 2008 година покажува дека за 12-годишниот период просечната стапка на сиромаштија изнесува 26.3%, односно толкав е процентот на сиромашни граѓани. Ако стапката од 26.3% се спореди со вкупниот број од два милиони жители, произлегува дека околу 526.000 жители во Македонија се сиромашни, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика од 2015 година.

„Со намалувањето на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на храната на луѓето на коишто им е потребна, би можел да се ублажи проблемот со гладот во Македонија“, се вели во предлог-иницијативата за законот.

Законот за донации и спонзорства, стои во иницијативата, нема прецизни насоки за тоа како некој ќе биде ослободен доколку донира храна. Дел од фирмите што донираат се ослободени само во поглед на ДДВ и само во делот на храната што се донира, а поголем дел од тие производи, за жал, завршуваат на ѓубришта.

„Повеќе од 4.000 граѓани, приматели на социјална помош во Македонија секојдневно зависат од топлиот оброк кој еднаш дневно, пет дена во седмицата го добиваат во една од вкупно 41те народни кујни, кои министерството за труд и социјална политика ги отвори во рамките на четиригодишниот проект (‘Народни кујни’) за намалување на сиромаштијата“, анализираат иницијаторите на законот.

Од нив, само во Скопје, каде има вкупно седум народни кујни, регистрирани се повеќе од 1.100 корисници. Повеќе од 600 најсиромашни граѓани, пак, се прехрануваат во четирите црковно – народни кујни, отворени со поддршка на Македонската православна црква, и тоа: две во Скопје, и по една во Велес и во Битола. Македонија, годишно, за народните кујни издвојува повеќе од 90 милиони денари годишно.

„Во моментот донирањето на храна во најголем дел врши Црвениот Крст на Македонија, делумно се врши преку народните кујни, кои останаа во мал број и проектот на Министерството за социјална политика не успеа да им обезбеди одржливост. Другиот дел на донирањето е оставено на помали формални и неформални групи/иницијативи кои не располагаат со соодветни капацитети да дистрибуираат и обезбедуваат поголеми количини на храна за донирање“, стои во иницијативата за законот.

За да прими храна, депонијата Дрисла наплаќа 3.100 денари по тон, без пресметано ДДВ, кое е 5 отсто. Оваа давачка, велат иницијаторите, ја имаат сите компании што сакаат да фрлат храна на најголемото ѓубриште во Македонија. Од депонијата велат дека располагаат само со податоци за храната што им ја носат супермаркетите на уништување поради поминат рок. Јадењето што го фрлаат домаќинствата и угостителските објекти, измешано е со останатиот комунален отпад, па немаат сознание за колкави количини станува збор, нагласуваат иницијаторите на законот.

Кога би успеале да се избегне фрлање на храната и да го намалиме количеството отпад од храна во Македонија, велат тие, би ја избегнале и непотребната емисија на стакленички гасови и би придонеле за ублажувањето на климатските промени. Особено што Македонија спаѓа во групата на пет најранливи земји во Европа од климатските промени, а еден од поголемите извори се отпадот од храна кој се наоѓа на легалните и нелегални депонии во Македонија.

Инаку, освен „Ајде Македонија“ и National Democratic Institute, како партнерските организации кон иницијативата се и „Македонска платформа против сиромаштија“, „One can“, Вистински дела на љубезност“, Здружение „Поглед кон вистината“, „Ретвитни оброк“.

Б.Ш.