Иницијатива за создавање „Парк на дијаспората“ во запустениот простор околу студентскиот дом „Гоце“

„Ајде да и подариме на нашата татковина нешто што постојано ќе расте и ќе носи позитивни ефекти – нова зелена оаза во Скопје“, стои во иницијативата на Форумот за демократија во Македонија.

Оттаму покренаа онлајн кампања за заживување на запустениот простор околу студентскиот дом „Гоце Делчев”. Велат дека поддршка добиле од Шумарскиот факултет, од каде се спремни да помогнат со своите студенти. Градската управа, пак, веќе им дала првична дозвола за создавање на паркот.

Сега им преостанува да соберат средства до почетокот на пролетната сезона за садење.

„Првата фаза на „Паркот на дијаспората” ја планираме за оваа година. Со секоја наредна, сакаме да го прошируваме и надградуваме – за да покажеме дека секој позитивен чекор, колку и да изгледа скромно, може да значи битно подобрување“, велат од Форумот.

„Како секоја гранка на едно дрво, како и секое дрво во еден парк, секој прилог во оваа акција ќе биде дел од нешто поголемо – нов зелен простор за студентите од домот “Гоце Делчев,” но и за сите граѓани. Овој наш подарок нема само да го разубави, туку и суштински ќе го подобри урбаниот простор – со секое ново дрво што ќе го прочистува воздухот“, стои во онлајн кампањата објавена на GoFundMe.

Тие ги повикуваат граѓаните и останатите организации да донираат колку можат.

„Животната средина ни припаѓа на сите и сите имаме одговорност да ја сочуваме и подобруваме, за нас и за идните генерации“, велат од Форумот.