Иницијатива за референдум за регионалната депонија пред советниците на Општина Свети Николе

До Советот на Општината Свети Николе е доставена иницијатива за распишување на референдум на кој граѓаните би требало да се изјаснат дали се за или против изградбата на регионалната депонија кај селото Мечкуевци во која би се носел сметот од 18 македонски општини од североисточниот и источниот регион.

Иницијативата е поднесена од советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а според предлогот евентуалниот референдум би се одржал заедно со претседателските избори на 1 април, пренесува МЕТА.

Од Општината кратко соопштиле дека одлуката за распишување на референдум е кај Советот, кој денеска ќе го каже својот конечен збор.

На јавната расправа за регионалната депонија, дел од претставниците на месните заедници и граѓанскиот сектор се изјасниле против нејзината изградба, со образложение дека Овчеполскиот регион живее од земјоделие  и органско производство. Од Министерството за животна среднина, кои го спроведуваат проектот, уверувале дека тоа ќе биде современа фабрика за преработка на отпад по сите стандарди, со кое ќе се реши проблемот со ѓубрето од општинските депонии.