Иницијатива за привремена заштита на Студенчишко Блато сè до негово прогласување за заштитено подрачје

Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ поднесе иницијатива до Министерство за животна средина со која бараат Студенчишко Блато да добие привремена заштита сè до негово прогласување за заштитено подрачје.

„Иако оваа можност е регулирана со член 97 oд законот и на тоа државата екплицитно се обврза во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020 – 2029), тоа сè уште не е сторено. Во меѓувреме, Студенчишко Блато се прогласи и за водно живалиште од меѓународна важност според Рамсарската конвенција, но на национално ниво никако да стигне до заштита. Од друга страна непречено се одвиваат плановите за урбанизација на околниот простор, а Блатото сè уште чека и се деградира“, реагираат од Охрид SOS.

Тие го повикуваат министерот Насер Нуредини веднаш да ја започне процедурата за прогласување привремена заштита на Студенчишко Блато.

„Со најновиот извештај на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, стана повеќе од очигледно дека за Студенчишко Блато не се води грижа. Поради тоа, а во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО кои се повеќе од ургентни, ставањето на Студенчишко Блато под привремена заштита ќе значи трајно напуштање на плановите за изградба на марина на тој простор, обнова на блатото и чувствителните делови на крајбрежјето преку кои тоа се поврзува со матичното водно тело, спречување на натамошна деградација со урбанизација и конечно негова ревитализација“, сметаат од Охрид SOS.

Студенчишко Блато помага во одржувањето на олиготрофниот статус на Охридско Езеро, штити од поплави, ја одржува биолошката разновидност, мрестилиште е на риби, гнездилиште на птици, заробува јаглерод, регулатор е на микроклимата и е место за рекреација.