Иницијатива за празнување на македонската книга

Во рамки на манифестацијата „Будни до полноќ на Булеварот на книгите“ што ќе се одржи вечерва „Клубот матица“ ќе почне иницијатива за празнување на македонската книга.

– По примерот на развиените европски држави, со основна идеја и цел за промоција на книгата и авторот, веруваме во идејата за празнување на Ден на македонската книга. Празник кој, со вклучувањето на сите релевантни институции од областа на културата, од приватниот и општествениот сектор, ќе ја промовира културата на читање, со разни теми од сите области на општественото живеењe, посочуваат од „Клуб Матица“ каде веруваат дека издавачите, авторите и културните работници ќе ја прифатат оваа идеја.

Денот на македонската книга, според иницијативата, би се одбележувал на 23 мај, еден ден пред Денот на македонската писменост. Инцијативата произлегла од проектот „Читај повеќе”, во кој беа вклучени многу еминентни македонски писатели, актери, музичари, кои на различни локации низ Скопје и Македонија, со јавно читање на поезија и проза, го славеа зборот, словото и книгата.