Иницијатива за отворање училиште за тренинг на кучиња водичи за слепи лица во Македонија

Можноста во Македонија да се отвори училиште за тренинг на кучиња кои ќе им помагаат на слепи лица и искуствата како функционира тоа во Швајцарија, беа темите на денешната дискусија „Кучиња водичи за слепи лица во Македонија“ во рамки на 64. Европски форум на лајонси што се одржува во Скопје.

„Идејата е да презентираме како ова функционира во Швацарија, како ги одржуваме училиштата за тренирање кучиња водичи за слепи лица и да видиме дали можеме истото да да го направиме во Македонија и да им помогнеме на слепите лица и лицата кои имаат проблеми со видот“, рече Јург Вогт, од Лајонс клубот од Швајцарија, пренесе МИА.

Идејата е, додаде тој, Лајонс клубот од Македонија да отвори или да помогне да се отвори вакво училиште, а ние, како што потенцира, ќе направиме се да ви помогнеме тоа да го реализирате.

Билјана Цонеска Јованова, од Лајонс Македонија потенцира дека станува збор за проект за помош на слепи лица, преку тренинг на кучиња кои би им помагале.

„Идејата е да се отвори вакво училиште во Македонија. Такви училишта функционираат во многу земји во светот и тие се од голема помош за слепите лица. Очекуваме дека доколку го отвориме училиштето во Македонија идната година, до 2023 би имале истренирано куќе за помош на слепи лица, рече Цонеска Јованова.

Таа потенцира дека очекуваат помош и поддршка и од Јург Вогт, од швајцарскиот Лајонс, но и поддршка лајонсите од сите земји во Европа, грант од фондацијата на Лајонс клуб интернационал која се наоѓа во Чикаго и оти со таква поддршка ќе ја остварат идејата.

Во Швајцарија веќе функционираат четири вакви училишта.