Иницијатива за основање на Центар за промоција на македонскиот јазик во старото училиште во Љубојно

Старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно ќе стане Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик. Оваа иницијатива ја соопштија вчера од Влада за време на панел-дискусија по повод две години од Договорот од Преспа.

Училиштето е основано пред 76 години и е прво училиште по македонски јазик во Преспа, а второво државата.

„Со Иницијативата за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик која на денешниот симболичен ден се промовира токму во регионот каде ја потпишавме Конечната спогодба, во училиштето „Димитар Влахов” како прво во регионот со настава на македонски јазик, ставаме темели на нешто исклучително суштинско. Подеднакво суштинско како и самиот Преспански договор – промоција на македонскиот јазик и негување на сѐ она што нѐ прави Македонци. Правото на самоопределување на македонскиот народ е неотуѓиво и тоа никој не може да ни го оспори. Македонскиот јазик е наша работа“, нагласи министерот за надворешни работи, Никола Димитров за време на панел-дискусијата.

Во неа учествуваа и Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, Марјан Марковиќ, дописен член на МАНУ, Елизабета Бандиловска, професорка на Педагошкиот факултет во Скопје, Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство, како и претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Според професорот Спасов, со обновата на ова училиште во Центар за промоција на македонскиот јазик, ќе се обезбеди уште едно место на кое ќе се собираат лингвисти, педагози и наставници и професори по македонски јазик и ќе доаѓаат ученици да се подучуваат и да научат работи на терен.