Иницијатива за дигитализација во сите сфери, од образование до екологија, доставена до партиите и власта

Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), до државниот врв и политичките партии доставиле иницијатива за граѓанска и натпартиска платформа за дигитализација. Во дописот се наведуваат повеќе конкретни примери, како дигитализација во образованието, во заштитата на животната средина или пак дигитализација во поддршка на младите.

Целта на оваа иницијатива, како што наведуваат од Институтот, е да ги поттикне политичките партии во рамки на своите предизборни активности да стават акцент на дигитализацијата, односно да се обврзат на заедничко, брзо и ефикасно спроведување на овој процес од интерес на граѓаните.

Во продолжение ви ја пренесуваме иницијативата на ИДУЕМ во целост:

„Процесот на дигитализација одамна е избор, како и обврска за секое општество која сака да напредува во општествено – политичките, економските и другите процеси. Токму воведувањето на ефикасна дигитализација во секоја сфера од живеењето ги унапредува можностите на граѓаните, бизнис секторот, медиумската слобода и независност, го поддржува граѓанскиот сектор и неселективно го штити заедничкиот јавен интерес.

Интернетот, често споменуван како четврта индустриска револуција , е круната на идејата за глобализацијата. Никогаш како денес, светот не бил толку поврзан и толку „мал“. Речиси и да не постои дистанца – бидејќи само со еден клик се спојуваат две или повеќе најоддалечени точки на Планетата.

Во нашата држава подолг временски период се спроведуваат одредени процеси кои треба да водат кон целосна дигитализација на општеството, но се одвиваат со недоволно брза динамика.

Токму од тие причини, Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) со овој допис сака да ги поттикне политичките чинители во пресрет на изборите, а во рамките на своите платформи, програми и заложби, еден од приоритетните акценти да стават на дигитализацијата. Дигитализација како процес, но кој ќе се спроведе брзо и ефикасно, почнувајќи уште од првиот месец од формирањето на Владата.

Брза и ефикасна дигитализација како натпартиска платформа

Независно кои од политичките партии ќе освојат мнозинство во Собранието и ќе ја состават Владата, процесот на дигитализација не треба да биде ексклузивен само за владејачкото мнозинство.

Би сакале да поттикнеме промена во досегашниот начин на дејствување на партиите, односно поставување на дигитализацијата на општеството како натпартиска платформа која е од интерес на секој граѓанин. Тоа подразбира заедничка работа и соработка помеѓу сите политички чинители, надлежни институции, како и неселективно вклучување на медиумската и експертската јавност, граѓанскиот, бизнис секторот и донаторската заедница во нашата земја. Ваквиот широк пристап е важно да се нагласи од страна на партиите уште во нивните предизборни платформи, како и во јавните настапи за време на кампањата за претстојните избори.

Во делот за дигитализацијата, како и на многу други теми од поширок граѓански интерес е неопходно перманентна соработка, наместо конфликт и собирање голи политички поени од било кој политички субјект. За таа цел, ги поттикнуваме политичките партии јавно да се обврзат дека доколку победат на изборите, во овој инклузивен процес ќе ги вклучат и останатите политички чинители. Исто така, ги поттикнуваме партиите доколку не успеат да освојат владејачко мнозинство, јавно да се обврзат дека ќе дадат поддршка и целосно ќе се вклучат во рамките на овој инклузивен процес кој институциите веднаш по изборите е неопходно да почнат многу поинтензивно да го спроведуваат.

Заеднички да ја претвориме критиката заради критика, во критика со конкретни предлог решенија и иницијативи од интерес на граѓаните.

Реформата на јавната администрација треба да се заснова на дигитализација на јавните услуги

Реформата на јавната администрација може многу побрзо и поефикасно да се спроведува доколку се базира на воведување на дигитализацијата во сите ресори.

Граѓаните очекуваат од административниот апарат брзи, ефикасни и навремени услуги. Тоа е основно граѓанско право бидејќи сите јавни институции се финансираат и функционираат со парите на граѓаните преточени во Буџетот.

Граѓаните, бизнис секторот и другите корисници на услугите на јавната администрација очекуваат конечно воведување на дигитализацијата во сите јавни институции. Дигитализација, која меѓу другото, ќе подразбира можност за следење на процесот на одговарањето на прашањата, постапките и барањата, со конкретни задолжени лица за спроведување. На овој начин ќе може да се издвојат службениците кои ревносно и посветено ја вршат својата работа за која се платени од граѓанскиот буџет, но и да се создаде целосно ефикасна јавна администрација.

Во оваа насока како многу мал дел од конкретните примери би ги издвоиле:

  • Дигитализација на образованието (пр. прилагодување на наставата на дигитални извори и платформи за време на наставата и домашните работи; изработка на курикулум за дигитална писменост и заштита од онлајн ризици за учениците во текот на целото образование…)
  • Дигитализација во здравството (пр. дигитализација насочена кон персонализиран пристап за секој граѓанин што ќе овозможи поефикасни здравствени услуги, како и поефикасен третман, намалување на грешки и подигање на свест за заштита на здравјето на луѓето; мобилна апликација која ќе овозможува брзо закажување на термини за редовни контроли наменети за сите граѓани…)
  • Дигитализација во заштитата на животната средина (пр. дигитални уреди кај инспекторите за лесно откривање на потенцијалните загадувачи и нивно дигитално поврзување на јавна платформа…)
  • Дигитализација во делот на внатрешните работи и заштита на безбедноста во сообраќајот (пр. дигитализација на паркинзите и улиците со цел неселективно казнување на прекршителите по пат на e-пошта или достава на домашна адреса со што ваквиот пристап се очекува да ја намали и гужвата во сообраќајот и позитивно да влијае на еко системот; мобилна апликација преку која граѓаните ќе добиваат известување за закажан термин за лични документи пред истекот на нивниот рок и истиот ќе можат а го прилагодуваат на своите потреби…)
  • Дигитализација во делот на трговијата (пр. поддршка за бизнис заедницата во имплементирање на е-трговија како можност македонската економија да се отвори и заработи на светскиот пазар…)
  • Дигитализација во делот на поддршка на младите (пр. поддршка од страна на државата за активна фриленс работа на младите преку глобалните мрежи и поттик заработените пари слободно да ги вложуваат во домашните банки и економија…)
  • Дигитализација преку преквалификација (пр. Многу поголем обем на бесплатни курсеви за преквалификација на заинтересираните граѓани во ИТ индустријата – според сите статистики на ДЗС платите во оваа индустрија се едни од најбараните и најголемите со просек од околу илјада евра…)
  • Дигитализација во локалните самоуправи (пр. апликација која ќе ги сумира сите проблеми кои ги пријавуваат граѓаните, ќе овозможува активно следење во реално време од страна на медиумите и јавноста на процесот на нејзина реализација и можност за поставување на дополнителни прашања и коментари…)

Посебно би сакале да истакнеме дека овие и многуте други конкретни дигитални активности од интерес за граѓаните очекуваме сите политички партии да се обврзат да ги предвидат за почеток на приоритетна и интензивна реализација во период во првите 3 до 6 месеци со цел да конкретен ефект и позитивни промени во интерес на сите граѓани. Ги поттикнуваме партиите тоа да го нагласат и во своите платформи, програми, како и јавни настапи во предизборието.

Дигитализација = поголема демократизација

Дигитализацијата претставува партнерски процес насочен кон зајакнување на улогата на медиумите во општеството, како и целосна одговорност на властите кон граѓаните. Токму дигитализацијата и јавното објавување на информации од делокругот на институциите на дигиталните платформи, ги прави изложени на опсервација, критика и различни мислења. Со ваквиот пристап ќе се подигне нивото на јавниот дискурс во медиумите, како и јавната свест за правата кои граѓаните ги имаат (граѓаните ја финансираат работата на јавните институции и функционери, а не обратно како што понекогаш (не)намерно се истакнува).

Социјалните медиуми и другите дигитални платформи за интеракција, како уште еден партнер на граѓаните и традиционалните медиуми, мора професионално и посветено да се одржуваат од страна на тимовите во јавните институции/функционери. Неопходно е конечно да се воведе и негува вистинска двонасочната комуникација, а тимовите за односи со јавност да бидат организирани на начин што првенствено ќе одговараат на барањата, коментарите и прашањата од медиумите и граѓаните, а не само за промоција или давање отчет за средбите и сработеното.

Со ваквиот пристап кој мора да се спроведе уште од првиот ден од формирањето на Собранието и Владата, значително ќе се зајакне граѓанската улога во нашето општество, слободата на говор и изразување, а особено ќе се зајакне професионалноста и слободата на информирањето и медиумите.

Дигиталната транспарентност е неопходна во борбата со лажните вести

Преку активната транспарентност и јавното онлајн објавување на кратки, концизни и систематизирани информации за трошоците, дневно и неделно сработените активности на секој јавен функционер и јавен службеник, ќе се даде значителна поддршка на медиумите во нивната работа, а со тоа и на целокупниот јавен интерес.

А, токму медиумите играат и во иднина ќе имаат уште поголема и поважна улога во борбата против лажните вести. Затоа, дигиталната реформа на секторите за односи со јавност во јавните институции, мора да подразбира и менување на досегашниот пристап главно на пишувачи на соопштенија и закажувачи на прес конференции во сервис за двонасочна комуникација со медиумите, како и со граѓаните преку социјалните мрежи.

На овој начин ќе се постигне објавување на брзи, точни и навремени информации што е еден од главните предуслови за ефикасна борба со лажните вести.

Почитувани,

Целта на оваа иницијатива е да ги поттикне политичките партии во рамки на своите предизборни активности да стават акцент на дигитализацијата, односно да се обврзат на заедничко, брзо и ефикасно спроведување на овој процес од интерес на граѓаните. Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) по формирањето на јавните институции, им ја става на располагање целосната своја поддршка, професионални капацитети и искуство во реализацијата на овој граѓански и натпартиски процес, со цел целосно и брзо менување и адаптирање на општеството во новата дигитална ера.

Во 2018 година, Федералниот суд во САД донесе пресуда со кој му се забранува на претседателот на САД да блокира корисници на својата корисничка сметка на социјалната мрежа Твитер.

Во судската одлука е наведено дека блокирањето на Твитер корисниците од страна на претседателот на САД „е неуставно и спротивно на првиот амандман на Уставот на САД“. Јасно е нагласено дека социјалните медиуми се јавен форум каде што можат да учествуваат сите граѓани“, стои во иницијативата на ИДУЕП.