„Информациски хаос“ – Група организации со предлози како да се регулираат социјалните медиуми

Од претседателските избори во САД до теории на заговор околу Ковид-19, злоупотребата на социјалните медиуми стана вистинска закана за демократиите околу светот последниве години.

Компаниите како Фејсбук и Твитер беа во центарот на овие случувања, а владите и про-демократските организации ги притискаа да преземат чекори за спречување на ваквото користење на нивните платформи.

Сега меѓународна коалиција, која се фокусира на поправање на овие проблеми, ги повика светските влади да воведат регулатива на компаниите кои стојат зад социјалните медиуми – меѓу предлозите се санкции, одговорност за сопствениците, како и одвојување средства за проширување на мрежите модератори.

Групата наречена Форум за информации и демократија, која ја сочинуваат влијателни организации од целиот свет, меѓу кои и Репортери без граници и Центарот за човекови права, испрати 250 препораки за справување со проблемот.

Посебно се осврнуваат на „инфодемиите“, кои се опишани како преоптоварување со информации кои можат да бидат точни и погрешни, што предизвикува проблем за корисниците да ги лоцираат релевантните извори кои им се потребни.

„Структурно решение е можно за да се стави крај на информацискиот хаос кој претставува огромна опасност за демократиите“, рече Кростоф Делор, директорот на Форумот.

Од сите 250 препораки, групата потенцира дека следниве 12 се клучни:

Потреба за транспарентност:

– Овие промени треба да се однесуваат на сите клучни јавни функции: модерирање содржини, рангирање на содржини, таргетирање содржини и градење социјално влијание.

– Регулаторите кои се одговорни за обезбедување транспарентност треба да имаат силен демократски надзор и да бидат подложни на проверка.

– Санкциите за непридржување до правилата треба да вклучуваат високи казни, задолжителна јавност преку банери и одговорност за извршните директори и административни санкции како блокирање на пристапот до пазарот во државите.

Модерирање содржини:

– Платформите треба да ги следат Принципите на човекови права за модерирање содржини засновани на меѓународното право.

– Социјалните платформи треба да бидат задолжени да ги следат правилата на избалансираност кои се слични на оние кои ги следат радиодифузерите во државите.

– Бројот на модератори треба да се зголеми, со тоа што би се одвојувал минимален процент од приходите за таа намена.

Нов пристап кон дизајн на платформите

– Треба да биде формирана Агенција за примена на дигитални стандарди

– Треба да се забранат конфликти на интерес на платформите, со цел да се избегне информациите и комуникацијата да бидат водени или да бидат под влијание на комерцијални, политички или други интереси.

– Треба да се дефинира рамка за промоција на новинарството во јавен интерес заснована на саморегулација како Иницијативата „Џурнализам Труст“; треба да се додаде механизам за сопирање на ширењето на потенцијално штетни вирални содржини.

Заштитни механизми за сервисите за праќање приватни пораки

– Воспоставување мерки кои ќе лимитираат виралност на содржини кои погрешно наведуваат преку лимитирање одредени функционалности; нови алатки со кои ќе мора да се прифати примањето групни пораки, како и мерки за спречување масовно автоматско праќање пораки.

– Провајдерите на онлајн услуги треба подобро да ги информираат корисниците за изворот на пораките кои ги примаат, особено преку обележување на оние кои се препратени.

– Механизам на известувања за нелегални содржини од корисниците и механизами за жалби на корисниците кои биле банирани од одредени услуги.

„Време е да ставиме крај на пристапот „бркај го кртот“ (whack-a-mole) кој го имаат технолошките платформи во поправање на она што веќе е расипано. Социјалните медиуми, кои еднаш беа конструктивни, сега се деструктивни, создавајќи поделба – „ние против нив“ во дизајнирање на нивните платформи. Не е случајност што лидерите кои прават поделби имаат најдобар успех на социјалните медиуми“, вели Мариа Реса, претседателка на работна група на Форумот.

„Фејсбук во моментов е најголем дистрибутер на вести. Само, има една финта: лагите зачинети со бес и омраза се шират побрзо и подалеку од досадните факти на вестите. Тие создаваат „ефект на воз“ за вештачкиот консензус за лагата“, додава Реса.