[Инфографик] Здравството најскапо – здравјето најевтино!

Министерството за здравство е најскапата институција по вработен. Тоа значи дека за вработен во администрацијата на министерството граѓаните плаќаат 77 545 евра годишни трошоци (оперативни), или за сите 215 вработени вкупно 16, 7 милиони евра, покажува инфографикот подготвен од Фондацијата Отворено општество.

Според визуелниот прика, од рекордни 3,35 милијарди евра во Буџетот за 2017 година дури 1/5, односно 698 милиони евра, се испланирани да бидат потрошени за набавка на стоки и услуги (договорни услуги, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, комунални услуги, патни и дневни расходи, привремени вработувања и други тековни расходи).

Од Фондацијата посочуваат дека Министерството за здравство планира да потроши 11 милиони евра за плаќање на договорни услуги со што е во првите три институции кои трошат најмногу за оваа намена. Наспроти ова, во Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 2017 година, предвидува 276 илјади евра. Ова, како што велат оттаму, укажува на тоа дека здравството во Македонија е најскапо, а здравјето најевтино.

Покрај Министерството за здравство, меѓу најскапите институции се и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, како и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.