[Инфографик] Загубите на вода за пиење во Скопје лани достигнале над 60 отсто

На 21 март се одбележува Светскиот ден на водите, на којшто меѓу другото, секое општество покажува колку ја вреднува и цени водата за пиење која како ограничен ресурс ја користи. Во Скопје, со години наназад процентот на неприходувана вода во водоводниот систем се движи околу 60 проценти, што е исклучително негативен процент во однос на прифатливите загуби на вода од под 30 проценти што ги посочува Меѓународната асоцијација на води.

Бидејќи е најголем град во земјава, водоводниот систем на Скопје произведува и најголеми количества на вода за пиење во земјата така што високиот процент на неприходувана вода означува расфрлање со водата за пиење во услови на засилено влијание од климатските промени, пишува „Мета“.

Од ЈП „Водовод и канализација“- Скопје за Мета.мк информираат дека лани процентот на неприходувана вода изнесувал 60 проценти, додека физичките загуби на водата за пиење биле околу 30 проценти. Физичките губитоци на вода како последица на пукнатини на цевки и дотраеност на инфраструктурата се само еден дел од неприходуваната вода, во која што влегува и нефактурираната легална потрошувачка на вода за пиење (полевање на јавни површини, вода за фонтани, јавни тоалети и слично), дивите приклучоци, но и неточноста на водомерите и грешките при ракување со податоците.

Од ова јавно претпријатие велат дека планираат до 2025 година да го намалат процентот на неприходувана вода во скопскиот водоводен систем на околу 45 проценти.

Лани тие реализирале проект за набавка на зонски мерачи на проток на вода и редуктори на притисок, при што биле изведени и градежни работи од над 50.000 евра. Мерната опрема е инсталирана во Козле, Жданец, ПС Ново Село, ПС Припор, ПС Сопиште, ПС Радишани и Чаир.

Исто така, ЈП Водовод и канализација – Скопје, во соработка со грант од инструментот Western Balkans Green Center (WBGC), за поддршка на зелената транзиција во земјите од Западен Балкан, во висина од 122.000 евра спровело проект за намалување на загуби на вода во Трнодол и Жданец.

„Една од мерките кои ги има превземено ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во текот на минатите години е одделувањето на сметката на ЈП „Паркови и зеленило“, односно наплата на водата по добиената специјална тарифа наменета за водата во парковската мрежа. Со ова, значително се намали загубата на вода за пиење на годишно ниво“, објаснуваат за Мета.мк од ЈП „Водовод и канализација“.

Од ова претпријатие велат дека годинава ќе набават нови зонски мерачи на проток и редуктори на притисок на водата за околу 115.000 евра. Во наредниот период тие предвидуваат реализација и на други мерки за намалување на физичките загуби на водата за пиење во системот.

Евгенија Крстевска, адвокатка специјализирана за заштита на водите и долгогодишен активист на темава за Мета.мк вели дека за да се видат резултати за намалување на загубите на вода за пиење, потребно е да се лоцираат проблемите, да се изнајдат решенија за нив и да се одвојат соодветни фондови за финансиска помош за реализација на проекти со кои ќе се ревитализира водоводната инфраструктура.

„Генерално, на ниво на државата инфраструктурата се наоѓа во лоша состојба и губитоците на вода се на високо ниво. Не смее да се игнорира проблемот со губитоците и да се остава со години да се губи вода во системот во услови на климатски промени. Голема улога има фактот што губитокот на водата се однесува на вкупно влезената вода во системот за водоснабдување која количина со годините варира. Доколку не се врши контрола и мониторинг на тие количини, тогаш ќе дојдеме до ситуација во која секоја година трошиме но и губиме се повеќе вода“, објаснува Евгенија Крстевска.

Таа додава дека редовниот мониторинг и лоцирање на губитоците во системот се неопходни, заедно со навремената санација и инвестиции во мрежата. Воедно, треба да се врши редовна контрола на користењето на питката вода за други намени, да се превенираат дивите приклучоци, но и да се анализира трендот на ширење на градот и демографијата и како на новите корисници би им се обезбедила потребна инфраструктура за приклучок.

На денешната прес-конференција по повод одбележувањето на Светскиот ден на водата и активностите преземени во таа насока што се одржа во ЕУ Хаус, германската амбасадорка Анке Холштајн го претстави нејзиното претходно искуство од африканската земја Џибути, каде што претходно ја претставувала како амбасадор својата земја во период од две години.

Станува збор за една од најтоплите и најсушни земји во светот. Џибути излегува на море, но нема вода за пиење. Водните ресурси што се достапни се претопли за пиење и полни со бактерии, така што единствено решение за питка вода на жителите им е водата во шишиња.

„Освен неколку оази, ништо не расте таму“, изјави амбасадорката Холштајн повикувајќи се на влијанието на климатските промени врз оваа земја.

Руралното население, вели германската амбасадорка, добива вода за пиење два пати неделно со буриња што се доставуваат од УНИЦЕФ. На жител, вообичаено тие имаат 12 литри дневно за задоволување на сите потреби, додека во Германија еден човек во просек користи 129 литри вода за пиење само за лична употреба, изјави Анке Холштајн.

„Навистина верувам дека треба да вложиме повеќе фокус на одговорноста за нејзиното користење, на заштита на овој природен ресурс“, додаде амбасадорката Холштајн на денешниот настан организиран во ЕУ Хаус.

Враќајќи се назад во македонското општество и случајот со скопскиот водоводен систем, директорот на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје Златко Перински рече дека процентот на неприходувана вода што го имаат е поразителен податок. Тој денеска изјави дека ќе се обезбедат дополнителни средства за надминување на загубите на вода за пиење.

„Веќе сме во постапка за обезбедување на грант од Европската банка за обнова и развој во висина од 2 милиони евра за правење на студија која што ќе ни ги детектира слабостите во мрежата и онаму каде што имаме физички загуби на вода, заради слабост и дотраеност на мрежата, се надевам дека до крајот на летниот период ќе ја завршиме постапката и ќе ја почнеме студијата“, изјави директорот Перински.

Тој упати апел до граѓаните на поголема свесност, да не се користи водата за пиење за други намени, како што е наводнувањето на зелени површини или миењето на улиците, но и упати апел за поддршка од владата. Со натамошната урбанизација на Скопје и промената на климатските услови во градот, во иднина би можеле да се доведеме во ризик да немаме доволни количини за снабдување со вода за пиење, предупреди директорот на „ЈП Водовод и канализација“, Златко Перински.

Мета