Есенва немаме податоци за присуството на опасните ПМ-2.5 честички за централните скопски општини Центар и Карпош. Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање не дава целосни податоци за сите загадувачки супстанци за аерозагадувањето во Скопје, а кои го мерат инсталираните мерни станици, пишува Мета.
И покрај ова, достапните податоци покажуваат дека скопјани во октомври и ноември годинава дишеле почист воздух во споредба со идентичниот период од 2022 година.
Кај најопасните загадувачки супстанци – ПМ 2.5 честичките, податоците кои се достапни единствено од мерните станици Лисиче и Гази Баба покажуваат дека во ноември 2023 година помал е бројот на денови кога биле надминати максимално дозволените среднодневни концентрации на овие честички во однос на истиот месец лани. На мерната станица Гази Баба во текот на ноември 2023 имало 10 дена кога е регистрирано надминување на дозволените гранични вредности на ПМ-2.5 честички од 25 микрограми на метар кубен.
Истиот период лани, во ноември 2022 година во Гази Баба дури 27 дена во месецот воздухот бил загаден над дозволените граници со ПМ-2.5 честички. Ова значи дека годинава се дишел чист воздух во рамки на 17 дена повеќе во споредба со лани.
Кога станува збор за ноември 2023 година, на мерната станица Лисиче имало 14 дена кога се измерени ПМ-2.5 честички над дозволените среднодневни граници. Ова практично значи дека Лисиче и во 2023 година останува најзагадената точка во Скопје кога станува збор за ПМ-2.5 честичките. Станува збор за најопасните честички, кои имаат дијаметар помал од 2,5 микрометри и кои можат да бидат откриени само со електронски микроскоп. ПМ-2.5 честичките се најопасни за човековото тело, бидејќи можат да минат низ носот и грлото и да продрат длабоко во белите дробови.
Кога станува збор за ПМ-10 честичките, од увидот што Мета.мк го имаше од Месечниот извештај за аерозагадувањето за ноември 2023 година може повторно да се увиди дека во периодот на неколку денови со најголемо загадување на воздухот во Скопје, нема податоци за мерните станици Центар и Карпош. Од тие причини, во нашиот инфографик ги прикажуваме измерените резултати единствено за Лисиче и Гази Баба.
И покрај нецелосните податоци за ПМ-10 честичките кај мерните станици во Центар и Карпош, мерењата покажуваат дека скопјани во ноември 2023 година дишеле почист воздух во однос на истиот месец лани. Она што е суштинско да се посочи дека Лисиче останува најзагадената точка во Скопје. Во ноември 2023 година, дури 10 дена во месецот во Лисиче биле надминати дозволените среднодневни вредности на ПМ-10 честички од 50 микрограми на метар кубен. За разлика од оваа точка, на мерните станици во Центар, Карпош и Гази Баба само три дена во ноември биле надминати дозволените граници на ПМ-10 честички.
Кога станува збор за октомври 2023 година кај ПМ-2.5 честичките, првиот есенски месец годинава имало помало загадување на воздухот во Скопје во однос на лани. И за овој месец, нема податоци за мерните станици Центар и Карпош во Месечниот извештај на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух.
Податоците за присуството на ПМ-2.5 честички во скопскиот воздух покажуваат дека само еден ден на мерната станица во Лисиче и 2 дена на мерната станица во Гази Баба е регистрирано надминување на максимално дозволените среднодневни концентрации на ПМ-2.5 честички од 25 микрограми на метар кубен.
Колку за споредба, лани во октомври на мерната станица во Гази Баба имало дури во 14 дена од месецот кога се дишел нечист воздух и кога биле надминати дозволените граници на присуство на ПМ-2.5 честички во воздухот.
Кога станува збор за аерозагадувањето со ПМ-10 честички на скопскиот воздух, месечниот извештај на Министерството за животна средина и просторно планирање повторно покажува најголем број на денови кога нема измерени вредности на мерните станици во Центар и Карпош. На останатите мерни станици, квалитетот на воздухот во октомври 2023 бил подобар во однос на истиот месец од минатата година.
Загрижувачки е што на мерната станица во Центар, иако нема податоци за сите денови во октомври, во овој месец се регистрирани дури девет дена кога имало надминување на дозволената гранична вредност со ПМ-10 честички. Лисиче, која по правило е најзагадената точка во Скопје, во октомври 2023 година имало само три дена со нечист воздух.
Мета.мк минатата година објави аналитички текст за аерозагадувањето за идентичните два месеца – октомври и ноември 2022 година и за споредбата со 2021 година, кои може да се прочитаат во долниот линк.