[Инфографик] Увозот на половни возила не запира: ООН потврдува дека се значаен извор на аерозагадување

Првиот глобален Извештај за влијанието на половните возила врз животната средина „Половни возила и животната средина“ на Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП) дава загрижувачки податоци за извозот на автомобилскиот крш во неразвиените земји и земјите во развој, меѓу кои е и Северна Македонија. Дури 14 милиони половни возила биле извезени низ светот во периодот од 2015 до 2018 година, од кои околу 80 отсто заминале во земјите со ниски и средни примања, а половина од нив се нашле во Африка, објави Мета.

Извештајот на ООН предупредува дека брзорастечкиот глобален возен парк е голем извор на загадување и предизвикувач на климатските промени, а транспортниот сектор е одговорен за речиси една четвртина од глобалните емисии на стакленички гасови поврзани со енергијата. Исто така, издувните гасови од возилата се значаен извор на ПМ-2.5 честички и азотни оксиди, кои пак се најчестите причинители на загадувањето на воздухот во градските средини.

„Развиените земји мора да престанат да извезуваат возила кои не ги задоволуваат стандардите за животна средина и безбедност и кои повеќе не се сметаат за употребливи на патиштата во нивните земји, додека земјите увознички треба да воведат посилни стандарди за квалитет“, нагласува Ингер Андерсен, извршен директор на Програмата на ОН за животна средина (УНЕП).

Таа дополнува дека протокот на половни возила од развиените земји кон земјите во развој и неразвиените земји е всушност извоз на загадувачки возила, а сето ова во голема мера се случува нерегулирано. Андерсен вели дека прочистувањето на глобалниот возен парк е приоритет за исполнување на глобалните и локалните цели за квалитетот на воздухот.

Извештајот на УНЕП се заснова на длабинска анализа на 146 земји, која покажува дека дури две-третини од нив имаат „слаби“ или „многу слаби“ политики за регулирање на увозот на половни возила. Токму Источна Европа е втората светска дестинација, веднаш по Африка, каде завршиле 24 отсто од вкупниот број на извезени половни возила во светот. На пример, просечната возраст на увезените половни возила во африканската земја Гамбија била речиси 19 години.

А токму во овој Извештај на УНЕП, Северна Македонија зазема „почесно место“ меѓу земјите кои се оквалификувани дека имаат „слаби“ политики за регулирање на увозот на половни возила, во која е дозволен увоз на возила со ЕУРО 3 стандарди на емисија. Во оваа група со „слаби“ политики од земјите во Источна Европа и поранешен СССР сме заедно со Босна и Херцеговина, Србија и Узбекистан, а земји како Казахстан, Украина, Таџикистан, Белорусија, Албанија и Азербејџан имаат построги критериуми за увоз на половни возила.

„Мета.мк“ веќе подолг период предупредува за просечната старост на автомобилите, која лани во земјава изнесувала 19,3 години. Во меѓувреме, бизнисот со увоз на половни возила си тече непрекинато, при што од јануари до септември 2020 година биле увезени 16.692 половни возила во земјава. Од 2009 година до денеска, во Северна Македонија биле увезени фрапантни 356.481 употребувани возила, покажуваат податоците на Царинската управа на РСМ.

Извештајот на УНЕП предупредува дека половните возила не се само извор на аерозагадување во градовите и предизвикувачи на климатските промени, туку и опасност по безбедноста во патниот сообраќај преку зголемување на бројот на сообраќајни незгоди со загинати лица. Прецизно е наведено дека во земјите со „слаби“ и „многу слаби“ политики за регулирање на увозот на половни возила, постои многу висок просек на загинати во несреќи на патиштата.

Мета