[Инфографик] Рекордни 66.8% од домаќинствата во земјава лани пријавиле дека поседуваат автомобил

Заштита на животната средина преку борбата против климатските промени и загадувањето на воздухот во градовите во Македонија се спроведува, ама теоретски. Во пракса, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека како никогаш досега во минатото, бројот на македонски домаќинства кои поседуваат патнички автомобил лани се искачил на 66,8 отсто, пишува „Мета“.

Спроведеното истражување на статистичарите покажува дека бројката на домаќинства кои поседуваат автомобил се зголемила за 2,6 отсто во споредба со 2020 година, како и за огромни 15,3 отсто во однос на процентот на домаќинства кои поседувале автомобили пред една деценија, во 2011 година.

Растечката стапка на моторизација кај населението во земјава е присутна кај сите сектори. Па така, 78,4 отсто од земјоделските домаќинства во Македонија пријавиле дека во 2021 година поседувале автомобил, а идентичен одговор дале и 63,9 отсто од неземјоделските домаќинства, како и 87,8 отсто од мешовитите домаќинства.

За разлика од константниот пораст на бројот на автомобили во земјава, статистичките податоци покажуваат дека со години наназад процентот на поседување на велосипеди кај домаќинствата во земјава се движи помеѓу 30 и 40. Во 2021 година, 37,4 отсто од македонските домаќинства пријавиле дека поседуваат велосипед, при што кај земјоделските домаќинства ваквиот процент бил најголем – 49,7 отсто.

Вреди да се потсети дека велосипедот е превозно средство коешто воопшто не испушта штетни гасови во воздухот, а со тоа нема удел и врз климатските промени. Наспроти ова, токму на автомобилот во патниот транспорт му се препишува главната улога во емитирањето стакленички гасови во атмосферата, но и е еден од водечките сектори што учествува во аерозагадувањето.

Мета.мк веќе пишуваше дека токму патниот сообраќај ги предизвикува речиси сите емисии на стакленички гасови кај транспортот во земјава. Притоа, според последните објавени податоци за 2016 година, патниот сообраќај учествувал во дури 99,7 отсто од стакленичките гасови, покажува Третиот двогодишен извештај за климатски промени изготвен во 2020 година. Во секторот Енергетика, токму кај транспортот е регистрирано драстично зголемување на емисиите на стакленички гасови, речиси тројно повеќе во 2016 година во споредба со 1990 година.

Земајќи го предвид фактот дека рапидно се зголемуваше бројот на автомобили и во периодот од 2016 до 2021 година, очекувано е транспортот денес да има уште поголем удел во емисиите на стакленички гасови во атмосферата, кои ги предизвикуваат климатските промени. Според податоците на Царинската управа, само во 2021 година во земјава биле увезени над 37.000 половни возила. Во изминативе пет години во Македонија влегле над 160.000 возила увезени на старо од странските земји.

Како една од долго ветуваните мерки за спречување на штетното влијание на автомобилите врз животната средина, македонската влада веќе втора година по ред ветува забрана за увозот на возила во земјава со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови, но засега нема ниту одлука на владата по ова прашање, ниту пак има датум кога би почнало истата да се реализира.

Мета.мк редовно прави и репортажи за состојбата со велосипедската инфраструктура во градовите, која што покажува дека иако општинските власти зборуваат за развој на велосипедскиот превоз, на терен премалку се работи за да се стимулира користењето велосипеди од граѓаните. Во нашата обиколка на скопската велосипедска мрежа изминатиов месец, се уверивме дека велосипедските патеки нередовно се чистат, нема соодветна хоризонтална сигнализација, непрописно се паркираат автомобили кој каде ќе стигне, додека Градот Скопје не сакаше да одговори на нашите прашања што планира да преземе за редовно одржување на велосипедската инфраструктура во главниот град.

Лани направивме и репортажа за недостигот на велосипедска инфраструктура во цели населби низ Скопје, каде граѓаните се оневозможени да користат велосипед поради тоа што немаат велосипедски патеки. Станува збор за населбите Даме Груев, Волково, Сарај, Драчево, Радишани, Железара, Шуто Оризари и други, каде што граѓаните се ставени пред неславен избор – да возат велосипед по самите улици или да користат друго превозно средство при секојдневните патувања.

Поради непреземањето на мерки од државните и локалните власти во делот на транспортот, не треба да зачудуваат рекордните проценти на домаќинства кои поседуваат автомобил, наспроти оние кои имаат велосипед во своите домови.

Мета