[Инфографик] Автомобилите ги сакаме безгранично, автобусите и возовите повремено

Автобускиот превоз во земјава е многу поразвиен од земјите – членки на ЕУ, но сето тоа за сметка на малиот број на патници што патуваат со воз и неразвиеноста на железничката инфраструктура во земјава. Идентично како и во ЕУ, македонските граѓани најмногу го користат автомобилот за патувања, иако процентот на нивно користење во нашата земја е нешто помал од европскиот просек, објави Мета.

Според податоците на ЕУРОСТАТ, 82,9% од целокупниот патен патнички сообраќај во ЕУ во 2016 година се одвивал со автомобили. Бројот на изминати километри во патничкиот сообраќај покажува дека туристичките автобуси во меѓуградскиот и меѓународниот превоз, како и автобусите и тролејбусите во јавниот превоз, имаат удел од 9,4% од остварениот патен превоз во земјите – членки на Европската Унија.

Возовите оствариле 7,7% од вкупните изминати километри во патниот патнички сообраќај, но треба да се земе во предвид и фактот дека во некои земји, како што се Кипар и Малта, воопшто не постои железнички транспорт.

За разлика од ЕУ, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека автомобилите се најдоминантно превозно средство во земјава со 77% од вкупните патнички километри изминати во 2016 година. Бројот на автомобили во земјава забрзано се приближува до европскиот просек, и речиси е сигурно дека ќе го достигне во текот на следниве неколку години.

Од друга страна, автобускиот превоз во земјава учествувал со дури 22,1% од вкупните патнички километри изминати во патниот превоз. Овие бројки се за речиси 2,5 пати поголеми од европскиот просек, што првенствено се должи на неразвиеноста на нашата железница. За разлика од земјите – членки на ЕУ, во 2016 година во Македонија само 0,9% од патничките километри биле остварени од железничкиот сообраќај.

Статистичките податоци јасно покажуваат дека Македонија во наредниот период треба најмногу да поработи на зголемување на бројот на нови возови што ќе сообраќаат во внатрешниот и меѓународниот патнички сообраќај, што би довело до зголемување на бројот на патници и барем мало приближување до европскиот просек во овој сектор.

Мета