Инес Ефремова: Никола оди си!

Ние само бараме правда, бараме почитување на законите, бараме јавните институции да бидат наш сервис, а не партиски фирми, бараме демократија, истакна во своето обраќање во кампот пред Влада, активистката и уметница Инес Ефремова.

Нејзиниот став го пренесуваме во целост:

„Драги сограѓани и сограѓанки, драги соборци,

Тука сме затоа што сме луѓе кои слободно размислуваат, затоа што веруваме во демократија и затоа што сакаме иднина.  И како такви, се собравме за јасно и гласно да порачаме: Никола оди си! И не само Никола…Туку сите негови марионети кои со својата слепа послушност  ја потхрануваат оваа тиранија против народот. И не само засекогаш да си одат од политичката сцена, туку и кривично да одговараат. Робија! Робија за Мартин, робија за Тамара, робија за криминалот на Скопје 2014 кој не’ задолжи и ни го уништи градот и културата, робија за изборните фалсификати, робија за сите криминали со кои ни уништија 9 години од животите…9 години луѓе мои. Затоа не смее да им помине!

Ова не го велам  од желба за осветништво. Напротив единствено што сакам, како и секој нормален, просечен граѓанин е овој кошмар што побрзо да заврши. Но, знам и дека е неопходно да понесат одговорност , за да бидеме сигурни дека ова никогаш нема да се повтори. Никогаш повеќе Никола! Никогаш повеќе вакво зло!

За разлика од Груевски и неговите следбеници, не бараме ништо што не ни припаѓа. Ние не крадеме, не лажеме, не убиваме, не се криеме. Ние само бараме правда. Бараме почитување на законите. Бараме јавните институции да бидат наш сервис, а не партиски фирми. Бараме демократија. Бараме независно судство.  И нема да се повлечеме од улиците, нема да замолкнеме, се додека не го добиеме тоа. Слушаш ли Никола, НЕ си одиме. Се додека ти не заминеш!

Знам дека не’ слуша. И се плаши од нашиот глас. Го плаши затоа што знае дека е искрен, дека е независен, дека е слободен. Диктаторите како него не можат да поднесат слобода. Токму затоа мора своето членство денес да го огради во кафез. Тој е свесен дека повеќето од кутрите луѓе пред Собрание денес нема да бидат таму по слободна воља, туку поради страв. А, свесен е и дека секој ден се повеќе се будиме. Секој ден се помалку се плашиме. Токму затоа и се крие. И токму затоа со присила, со кафези, сака лажно да претстави дека се уште има моќ. Мисли дека она жално стадо што го собрал пред  Собрание ќе го засени искрениот наш крик. Крикот кој порачува: Не ти се плашиме! Доста е! Готово е!

Овој режим се обиде да ни одземе се’ што нормален живот значи. Се обиде да ни ја одземе правдата со тоа што ја уништи независноста на судството. Се обиде да ни ја одземе убавината со силувањето на уметноста и културата наречено Скопје 2014. Се обиде да ни го одземе здравјето со ужасните реформи во здравството. Се обиде да ни ја одземе независната мисла со рушењето на автономијата на Универзитетот.  Но, гледајќи ве вас тука денес, и гледајќи ги реките на сплотени луѓе вчера, немам сомнеж дека НЕМА ДА ИМ ПОМИНЕ!

Како некој што е уметник, секогаш се обидувам да го пронајдам убавото во луѓето, во нештата. За жал, веќе не гледам ниту една убава работа во владеењето на оваа власт. Напротив, гледам само грдотија, гледам очај, болка, страв и сиромаштија на секој чекор. И не сакам повеќе да бидам заморче на нереализираната желба на Груевски за режирање. Не сакам веќе да гледам како режира хорор филм од нашите животи.

Затоа дојдов денес тука. И ќе останам, заедно со сите вас. Драг Никола, мораш да сфатиш дека дојдовме и не си одиме. На тебе е ред да заминеш!“