Индонезија: Бесплатен автобуски превоз за оние што ќе „платат“ со искористено пластично шише

Отпадот од пластика е огромен проблем во Индонезија. Ова го принуди вториот по големина град во земјата да излезе со нов пристап за да ги охрабри жителите да рециклираат – бесплатен превоз со автобус во замена за користени пластични шишиња и чаши.

Градот Сурабаја ја започна иницијативата уште во април, а патниците можат да се возат со градските автобуси, или со оставање на  пластичните шишиња и чаши на терминалите или со употреба на пластични предмети за директно да ја платат цената.

„Ѓубрето, како пластични шишиња, се собира во моето соседство, па затоа го донесов тука, така што околината не е само почиста, туку и помага да се олесни обемот на работата на собирачите на ѓубрето”, вели Линда Рахмават, жителка на Сурабаја.

Со новата иницијатива за рециклирање, двочасовниот автобуски билет чини околу пет пластични шишиња или 10 пластични чаши, во зависност од големината. Градот се надева дека оваа шема ќе помогне во исполнувањето на својата цел да се ослободи од пластичниот отпад до 2020 година.

Ова е првиот индонезиски град што ја спроведува оваа програма, а податоците покажуваат дека 15 отсто (речиси 400 тони) од секојдневниот отпад во градот е пластика. Податоците, исто така, покажуваат дека еден автобус може да собере до 550 килограми пластика секој ден, вкупно околу 7,5 тони секој месец. По собирањето на пластичниот отпад, работниците ги отстрануваат етикетите и капачињата за шишиња пред пластиката да им се продаде на компаниите за рециклирање. Овие пари потоа одат за поправки на автобусите и за финансирање урбани зелени површини.

Според шефот на одделот за транспорт на Сурабаја, Ирван Вахју Драџад, Индонезија е една од најголемите светски придонесувачи за пластичен отпад, а градот се надева дека овој нов систем ќе ја подигне јавната свест за животната средина и за загадувањето.