Врховниот суд на Индија ја забрани практиката на „инстантно разведување“ во исламот како неуставна. Досега, мажите муслимани во Индија можеа да се разведат од своите сопруги, само преку кажување на зборот „талак“ три пати.
Во пресуда донесена од тројца судии „за“ и двајца „против“, овој традиционален развод не смее веќе да се практикува, што е голем успех за активистите за женските права во Индија.
Индија е една од малкуте земји каде муслиман може да се разведе од сопругата на овој начин. Одлуката на судот доаѓа како одговор на петиции за укинување на „тројниот талак“. Поплаки биле приложени од жени-муслиманки кои биле разведени на овој начин, како и од две групи за права на жените.
„Муслиманските жени во Индија патеа во последните 70 години. Ова е историски ден за нас, но не завршува овде. Не можам да ви кажам колку могу индиски жени нè поддржуваат, без оглед на нивните религии“, вели Закиа Солман, активистка.
Во изминатите години, имало случаи на развод со троен талак и преку телефон, писмо, и сè почесто преку СМС порака, ВатсАп или Скајп.
Сепак, тројниот талак не е спомнат никаде во шеријатското право или Куранот, а сепак постои со децении.
Проучувачите на исламот велат дека според Куранот, процедурата за развод е јасна – на парот му се даваат три месеци за да размисли и да работи на бракот.