Индиската влада се откажа од идејата да одзема акредитации на новинари за лажни вести

Индискиот премиер Нарендра Моди нареди повлекување на предлогот за одземање на акредитацијата на новинарiте одговорни за дистрибуција на лажни вести, објави висок официјален претставник на владата, откако владиниот предлог за санкционирање на новинарите наиде на остри критики во јавноста.

„Премиерот упатува дека изјавата за медиумит во врска со лажните вести ќе биде повлечена и прашањето ќе се разгледува во Советот за печат на Индија”, изјави за Ројтерс висок официјален претставник. Не беше откриена причината за повлекувањето на предлогот.

Министерството за информирање и емитување програма синоќа соопшти дека на секој новинар кој „креирал и/или пропагирал лажни вести“ ќе му биде одземена акредитацијата до завршување на истрагата. Во соопштението не се дефинира кој може да го пријави новинарот, но првата казна ќе биде одземање на акредитацијата за следење владини настани на шест месеци. Доколку се повтори престапот, забраната се продолжува на една година, а ако новинарот трет пат биде обвинет за ширење „лажни вести“, акредитацијата му се одзема засекогаш. Истрагата требаше да ја водат групи кои ќе вклучуваат новинари, сопственици на медиуми, а понекогаш и политичари.

Новинарите и опозициските партии го опишаа овој чекор како обид на владата на Моди да го контролира печатот пред изборите следната година.