Индиската армија исмеана на социјалните мрежи поради тврдење дека нашле трага од Јети

Индиската армија објави фотографија на Твитер во која тврдат дека откриле „мистериозен“ отисок од Јети, што предизвика шеги на нивна сметка на социјалните мрежи.

Од армијата посочиле дека откриле „мистериозни траги од митското суштество „Јети“ во базниот камп Макалу на Хималаите“.

Јети, кое се смета за џиновско мајмунолико суштество, често е присутен во фолклорот на народите од Јужна Азија. Сепак, освен во легендите, не постојат докази со кои би се потврдило неговото постоење.

Иако трагите биле откриени на 9-ти април, армијата јавно ја соопштиле оваа информација дури откако одлучиле дека се совпаѓа со претходни теории за Јетито. Одговарајќи на неверувањата на социјалните мрежи, од армијата изјавиле дека „доказот“ за Јети бил фотографиран и предаден на експерти.

„Помисливме дека е важно да го соопштиме јавно овој податок и да предизвикаме возбуда и да го поттикнеме интересот кај научната заедница“, рекле од индиската армија.

Јетито, исто така познато и како „страшен снежен човек“, е легендарно суштество за кое народните верувања се дека се појавувал во пределите на Хималаите. Приказни за тоа како луѓе го виделе Јети или неговите траги се чести во делови на Индија, Непал и Бутан. Во 2013 година, истражување на британските научници, заклучило дека легендарното хималајско суштество всушност е веројатно подвид на кафеава мечка.

Корисниците на Твитер со неверување, потсмев и разочараност реагираа на тоа што институција како армијата си дозволила да направи вака храбро тврдење околу „митско суштество“.