Индија забрани еден од своите најстари статусни симболи

Индија го забрани најчестиот начин за покажување на припадност на „ВИП културата“ – црвеното светло на автомобилите на министрите, владините службеници и бирократите.

Премиерот Нарендра Моди изјави: „Секој Индиец е посебен. Секој Индиец е ВИП“.

Забраната, ефективна од 1 мај, ќе важи дури и за возилата на претседателот, премиерот и врховниот судија на Индија.

Забраната е историска бидејќи црвеното светло, воведено од британските колонизатори пред независноста на Индија, се гледало како „статусен симбол“ и прикажување на привилегија и моќ.

Кога автомобил со црвено светло, или „лаал бати“, како што е популарно познат, ќе се појави на индиски пат каде има метеж, сите прават пат за него. Овие возила речиси секогаш биле исклучок од полициските проверки и гранична контрола.

Граѓаните, но и пратениците, на социјалните мрежи ја пофалија одлуката.

Секако, во употреба остануваат сино-црвените светла и сирени за противпожарната служба, полицијата и армијата.