Индија ќе потроши шест милијарди долари на обновување на шумите

Индиската влада планира да потроши сума од 6,2 милијарди долари на пошумување на делови од земјата. Планот, кој едногласно беше прифатен од членовите на Долниот дом на индискиот парламент, сега треба само да помине во Горниот дом.

Целта е да се зголеми вкупната површина на шумски подрачја во државата. Моментално, шумите во Индија покриваат 21 процент од површината, а во наредните години се очекува тој процент да порасне на 33.

Земјата во развој моментално поминува низ брза индустријализација и е еден од најголемите загадувачи со стакленички гас во светот. Во 2015 година, Индија приложи документ во кој детално е објаснет планот на земјата да ги намали емисиите на стакленички гас од 33 до 35 посто од нивоата кои биле емитирани во 2006, до крајот на 2030 година. Фондот за пошумување е исто така дел од оваа обврска на Индија.

„Сигурен сум дека овој фонд ќе биде огромен поттик во движењето за пошумување“, изјавил министерот за екологија, Пракаш Џавадекар. „Нашите шумски подрачја драматично ќе се зголемат и тоа ќе резултира во постигнување на нашата цел“.

Парите биле собирани од владата во изминатите 12 години, од повеќе приватни компании кои плаќале даноци за да смеат да започнат проекти во пошумените подрачја. Во земја која е една од најнаселените на светот, а во која моментално живеат од прилика 1,2 милијарди луѓе, ооколината е во се поголема опасност, пишува IFL Science.