Индиферентноста на институциите доведува до зголемен број на малолетни корисници на дроги

„Девојка од 16 години, која престојува во Јавната установа за згрижување на деца со социјални и воспитни проблеми „25 мај“ во Скопје веќе некое време користи дроги. Нејзе ја среќава, и решава да и помогне, теренскиот тим на невладината организација ХОПС. Тие ја мотивираат девојката да се лекува, но за да отпочне целата процедура, потребно е Домот да добие дозвола од нејзиниот родител. Тогаш се дознава дека таа е трудна, па од ХОПС обезбедуваат и гинеколошки преглед.

Но, системските бариери штотуку почнуваат за оваа девојка. Во дневните центри за лекување и справување со зависнот не примаат лица под 18 години. Поради ова, единствена опција е Клиниката за токсикологија, каде таа може да се лекува со бупренорфин. Но, за да го добие лекот, таа прво мора да обезбеди психијатриска проценка, потпишана од педијатар и гинеколог. Проблемот е во тоа што Клиниката за токсикологија нема вработен психијатар кој може да ја направи проценката. Од Психијатриската болница велат дека не можат да го направат тоа, бидејќи не работат со лица под 18 години. Од Клиниката за деца и млади, пак, велат дека не работат со лица зависни од дроги. Во меѓувреме, Центарот за социјална работа информираат дека ќе обезбедат согласност од родителот во однос на лекувањето.

Сите овие разговори со надлежните, состаноци и средби траат повеќе од десетина дена и кога конечно се наоѓа психијатар за да ја направи проценката, девојката е уморна од секојдневните чекања и се откажува истиот ден кога треба да се направи проценката. По две недели, таа доаѓа во ХОПС за да соопшти дека го изгубила своето дете при спонтан абортус“.

Оваа приказна е реална и се случила лани. Таа најдобро ја отсликува судбината на малолетните корисници на дроги кои решаваат да се лекуваат, смета Влатко Деков од ХОПС. Според него, проблемот со непостоењето на програма за лекување на малолетници е стар проблем, но поради индиферентноста на институциите, постојано расте бројот на млади кои користат дроги. Впрочем, најмалото лице кое инјектирало дроги има само осум години, додека има и петгодишни деца кои користат лепак, нагласи тој.

„Девојчето не беше мотивирано повторно да започне со процедурата за евентуално лекување. Сега е на улицца и повторно инјектира дроги. Да постоеше програма за лекување на малолетни лица, ова девојче денес ќе се лекуваше и немаше да се случи спонтаниот абортус“, рече тој.

„Надлежните немаат преземено речиси ништо, или многу малку. Министерството за здравство изработи протокол за лекување на малолетни корисници на дрога кои веќе две години се во подготвителна верзија и се уште не е усвоен“, додаде.

Во текот на 2016 година здружението ХОПС исконтактирало вкупно 33 малолетни корисници на дроги, од кои седум се нови. Но, ниту едно од овие деца не започнало со лекување претежно поради овие административни бариери.

Затоа, ХОПС инсистира во најкраток можен рок Министерството за здравство да го реализира и усвои протоколот за лекување на деца кои употребуваат дроги, а кои две години стои во нивните лавиринти. Воедно, да се формира мултисекторска работна група која ќе изработи програма за лекување, но и за ресоцијализација и грижа за децата кои употребуваат дроги.

Ваквите случаи, всушност, покажуваат дека децата и младите во Македонија претставуваат категорија за креирање фиктивни политики, наместо рамноправни членови на државата.

Во Република Македонија нема унифицирано документирање на податоците за малолетници, покажува најновото истражување на ХОПС, кое ги опфати областите како социјална заштита, здравствена заштита, безбедност, образование и вработување.

„Некозистентно се бележат информациите, а тоа понатаму резултира со предизвици во формирање на националните политики“, рече Аница Димовска, програмски асистент за едукација во ХОПС.

Сепак, таа вели дека постојат и позитивни примери, истакнувајќи ги Државниот совет за превенција и детско престапништво и Народниот правобранител

Но, според неа, важно е да се знае дека здруженијата кои работат со овие групи се финансираат претежно од меѓународни извори, наместо да инвестира државата. Иако, како што вели, полека и локалните самоуправи се вклучуваат во финансирањето.

Таа предложи да се воспостави единствена дефиниција со која сите институции и здруженија што работат во ова поле подеднакво ќе ги бележат податоците за да се олесни креирањето на национални и локални политики, а со тоа да се спречат наредни случаи како со 16-годишната девојка.

Е.П.