Инди игрите влегоа јако на „The Game Awards“ – стигнаа номинациите за најдобра видео игра за 2025 година

„The Game Awards“ ги соопшти номинираните за „Игра за 2025 година“ и, иако имаше некои очекувани наслови, сепак ова е голема година за инди игрите. „Clair Obscur: Expedition 33“, „Hades 2“ и „Hollow Knight: Silksong“ сите влегоа во трка за главната награда, која ќе биде соопштена на церемонијата на 11 декември во Лос Анџелес.

На трите како номинирани им се приклучија и „Death Stranding 2: On the Beach“, „Donkey Kong Bananza“ и „Kingdom Come Deliverance 2“.

Играта правена од јадро од 30 луѓе „Clair Obscur: Expedition 33“, која излезе од нигде никаде и ги зачуди сите со својот гејмплеј, креативноста и светот во кој е сместена – има 12 номинации во 10 категории.

Трите актери што се појавуваат во играта – Бен Стар, Чарли Кокс и Џенифер Инглиш – се номинирани за најдобри изведби, а „Clair Obscur“ е номинирана и за најдобра режија и нарација.

Продолжението на Хидео Коџима „Death Stranding 2“ и вториот дел на „Ghost of Tsushima“, овој пат наречен „Ghost of Yōtei“, имаат по седум номинации.

„Hades 2“ собра шест номинации, вклучувајќи ги и оние за музика, најдобра акциона и инди игра.

Колоритната кo-оп авантура „Split Fiction“ од „Hazelight“, студио кое со претходната игра „It Takes Two“ зема Игра на годината, сега не влезе во главната категорија, но сепак има номинации за режија, мултиплеер, акција/авантура и фамилијарна игра.

Во минатото, „The Game Awards“ беа критикувани поради тоа што даваа приоритет на реклами наместо на награди, при што говорите на добитниците беа кратени, а презентациите на сцена беа изоставени во некои категории.

Беше пофалено изданието од 2024-та затоа што барем делумно ги адресираше критиките, но развивачите на игри продолжија да го повикнуваат организаторот Џеф Кили подобро да ги препознае проблемите во индустријата, како пример големиот број отпуштања од работа изминативе години.

Годинава стигнаа поплаки дека наградите ја напуштиле „Future Class“ програма – иницијатива основана во 2020 за истакнување „ѕвезди во подем“.

Последен пат беше спроведена во 2023 година, кога сегашни и екс членови на групата потпишаа отворено писмо со кое ги повикуваа наградите да реагираат на војната меѓу Израел и Газа.

Во периодот пред овогодинешните номинации, откако беше потврдено дека „Future Class“ нема да се врати, поранешни учесници ја обвинија програмата за формалност без суштина и дека не направила доволно за да им помогне да изградат контакти.

Лани, церемонијата додели нова „Game changer“ на Амир Сатват, за неговиот придонес во помагање отпуштени девелопери да најдат работа.

Бојан Шашевски