„Индепендент“ од денеска достапен само онлајн

Британскиот весник „Индепендент“ објави дека неговото вчерашно издание ќе биде последно кое е испечатено на хартија, и отсега ќе биде достапен само на Интернет со цел да ја надмине кризата, пренесе МИА.

За насловна страница на последното печатено издание редакцијата избрала голема бела страница, во чиј центар со црвени букви е испишано „Stop Press“ (Запрете ја печатарската машина), а под тие зборови е напишан периодот во кој весникот се печатеше, 1986-2016.

Вработените на социјалните мрежи објавија фотографии на кои тимовите тропаат на работните маси, традиционален гест, со кој ги испраќаат своите колеги, кои повеќе нема да работат за весникот.

„Денеска печатарските машини се стопирани, мастилото се исуши и повеќе нема да има печатење на хартија, но една страница се затвора, а друга се отвора и духот на „Индепендент“ ќе продолжи да живее“, се наведува во редакциската статија на весникот.

„Индепендент“ е најмалку продаваниот национален весник во Велика Британија, далеку зад таблоидите како „Сан“ и „Дејли Мејл“ или весниците „Тајмс“, „Гардијан“ и „Дејли телеграф“.

Извор: МИА