Инцијативниот одбор за Кежаровски бара итно објавување на неговата пресуда

Aпелацискиот суд до петок ( 16 јануари 2015) да ја соопшти пресудата за Томислав Кежаровски, а во спротивно сите новинари и граѓаните пред судот да го искажат незадоволството од одолговлекување на пресудата, повика денеска Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски.

Оттаму потсетуваат дека судијата Сафет Незири веќе информираше оти пресудата е донесена.

„Ваквата состојба на исчекување го доведува нашиот колега и неговото семејство во крајно неизвесна ситуација. Потсетуваме, Кежаровски е невин! Тој е осуден за текст објавен во 2008 година во кој открива манупулации со заштитен сведок во случајот Ореше, кој во 2013 година и самиот призна дека лажел и дека изјавата ја давал под принуда. Нашиот колега повеќе од година и половина е во ужасно тешка ситуација – невино притворен, осуден, без право да излезе од домашниот притвор, без право да работи. Дополнително, тој и целото негово семејство од октомври се држат во состојба на исчекување на судската одлука која постојано се пролонгира иако била донесена. Сметаме дека се преминати сите хумани и човечки граници на трпение“, велат колегите на Кежаровски.

Тие потенцираат дека срамно е новинарите да се солидаризираат со ужасниот масакр што се случи врз новинари во Париз, а да молчат кога македонски новинар е невино осуден и се држи во притвор.

„Сите ние имаме одговорност за тоа како се поставуваме кон судбината на Кежаровски, кој е невино осуден, кој е новинар и кој е еден од нас“, велат од Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски.

Извор: Нова Тв